28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски од Гостивар: ВМРО-ДПМНЕ идеолошки се обезличи, Мицкоски е континуитет на Ванчо Михајлов

„Мицкоски е слаб, без став, без визија. А човек без став, визија и без одлучност лесно може да биде земен во заложништво. Токму тоа се случува во моментов во македонската опозиција. Имаме идеолошко обезличување на ВМРО-ДПМНЕ, дејствување без компас со единствена цел, да и се наштети на земјата. Па гледајте какво јавно признание има од Мицкоски кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ е континуитет на Ванчо Михајлов“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Гостивар.

Тој рече дека Мицкоски признава дека неговата партија има континуитет на луѓе кои биле извршители на Третиот Рајх, кои го негираат македонскиот идентитет и се идеолошки поклоници на фашизмот.

Премиерот Ковачевски рече дека ваквата слабост на Мицкоски е причина што тој и ВМРО-ДПМНЕ се политички заложници на Левица и Апасиев и нивните активности против членството во ЕУ и НАТО на земјава.

„Затоа расте рејтингот на Левица а опаѓа на ВМРО-ДПМНЕ. Апасиев е политички пироман кој може да го загрои правецот на државата, со Мицкоски како негов заложник. На таков политички пироман, не смее да му се дозволи да го прекине европскиот пат на државата и тоа јас и сите вие овде нема да го дозволиме“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека државата сепак ќе продолжи по патот на интеграциите се до полноправно членство во ЕУ, затоа што тоа е гаранција за стабилна и сигурна иднина и дека Северна Македонија нема ниту време, ниту пари за некакви експерименти.

„Апасиев и Мицкоски заедно ќе не доведат до раб на провалија. Секое утро ќе се будите со лажно чувство на гордост но со празен стомак. Ова е промената што тие ја нудат и затоа граѓаните, Македонците, ќе им речат не“ рече Ковачевски.