Во рамките на Министерската конференција “Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан”, која се одржува на 15-ти и 16-ти ноември во Скопје, државната секретарка на МВР и национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција м-р Магдалена Несторовска оствари билатерална средба со австриската делегација, предводена од националната координаторка за борба против трговија со луѓе на Република Австрија, амбасадорката Петра Шнебауер. На средбата присуствуваа и амбасадорот на Република Австрија во Република Северна Македонија Георг Вуцас, Манфред Јурчевиќ,австриско полициско аташе и претставници од надлежните служби од МВР. Разговорите се водеа на тема состојбите и трендовите во државите во однос на трговијата со луѓе, илегалната миграција, како и соработката и предизвиците со кои се соочуваат земјите во регионот.
Државната секретарка на истата конференција беше и панелист на сесијата : “Зајакнување на прекуграничната соработка за справување со криумчарење мигранти и трговија со луѓе и заштита на жртви во Западен Балкан”, каде меѓу другото посочи дека неопходно е да се интензивира соработката, во насока на навремена размена на податоци, профилирање на организирани криминални групи и криминални соработници, сé со цел воспоставување на заеднички истраги за сузбивање на криумчарањето мигранти.
– “Борбата против трговијата со луѓе е комплексна и динамична “сложувалка” со нови предизвици кои настојуваме заеднички да ги решаваме. Таа борба е перпетуум мобиле, постојано трае и постојано се менува, а сите ние имаме подеднакво важна и одговорна улога да бидеме истрајни во неа, да ја спречиме/превенираме трговијата со луѓе и да ги заштитиме нејзините жртви” – истакна на крајот од говорот Несторовска.