Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

Ковачевски: За европска иднина се потребни прогресивни раководства

Не толку одамна, целиот Балкан беше во заложништво на ретроградни политики, рече премиерот Димитар Ковачевски на меѓувладината седница со Албанија, во присуство на неговиот албански колега Еди Рама.

Според Ковачевски потребна била визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина.

-Потребни беа прогресивни раководства, кои можат да се издигнат над личните политички интереси, лидери кои гледаат напред, гледаат кон утре. Повеќе од јасно е дека заедно, ние секогаш можеме повеќе. Затоа, за неколку кратки години, преку искрена политичка волја за напредок, ние постигнавме и многу повеќе од што можеше да се замисли, рече Ковачевски.

Премиерот оцени дека билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија никогаш не биле подобри од денес и дека слободно може да се каже дека сме пример како два соседа може и треба да соработуваат.

-Денес, ние успешно ги надминуваме актуелните предизвици од глобалната криза солидарно, како во рамки на иницијативата Отворен Балкан, така и во рамки на Берлинскиот процес, така и низ унапредувањето на билатералните односи. Соработуваме активно во безбедноста, како рамноправни партнери од доверба во НАТО и со САД, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека иако некои не верувале сепак двете земји зачекориле кон европските интеграции.

-На 19ти јули, и двајцата во име на нашите две држави и граѓани ја имавме честа да ги чуеме зборовите „ги означувам преговорите за започнати“ кои ги изговори чешкиот Министер за надворешни. Вашата поддршка, твојата поддршка, на политичката маса тие денови во Брисел, е непроценлива и јас засекогаш ќе ја паметам и ќе ја ценам. Како што се вели, во маката се познаваат пријателите, а ти Еди, вие, Албанија, покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО, кажа Ковачевски.