19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Ковачевски: Пратениците да покажат одговорност за европската иднина на државата

Според премиерот Димитар Ковачевски Скопје и Тирана имаат иста цел – полноправно членство и на Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија.

На меѓувладината седница со албанскиот колега, Ковачевски кажа дека како прогресивни премиери и прогресивни влади, бил вложен многу труд и било покажано дека само со соработка има напредок.

-Денес, кога неочекувано за 21-от век, се соочивме со војна на европскиот континент, најдобро можеме да ја согледаме вредноста на меѓудржавната и регионалната соработка што ја воспоставивме и веќе неколку години успешно ја развиваме. Северна Македонија и Албанија се вистински пример за тоа како се градат добрососедски односи. За да има поврзување, потребна е инфраструктура, но пред сѐ е потребно добро разбирање. Ако добро се разбираме, ако меѓусебно се почитуваме – ние веќе сме поставиле цврсти столбови и за автопатиштата и железниците што физички ги поврзуваат нашите земји и народи, рече Ковачевски.

Според него, владите на двете држави знаат дека кога кога нешто оди потешко, тоа значи дека е по вистинскиот пат.

-Со одлучност го зацврстивме нашето пријателство. И со цврстата верба во европските вредности, денес Северна Македонија и Албанија се заедно на европскиот пат. Република Северна Македонија се постави јасно и 100-процентно на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на војната во Украина. Знам дека тоа го направи и Република Албанија. Заедно стоиме на страната на светскиот мир и ја одржуваме стабилноста во регионот. Од заеднички интерес ни е да ги спречиме обидите од трети страни, за нивни цели, да ги вовлечат нашите држави и целиот Западен Балкан во непосакувани сценарија. Сценарија кои ќе ги загрозат демократските продобивки на кои толку долго работевме за да ги обновиме, сценарија кои ќе ги блокираат можностите за економскиот развој на државите и ќе го вовлечат регионот во нови изолации и тензии кои Балканот едвај ги надмина, истакна Ковачевски.

Премиерот додаде дека Северна Македонија и Албанија, преку заедничката работа на конкретни решенија, вложуваат во сигурна иднина за целиот балкански регион и тоа е веќе јасно за сите. Како демократски влади, додаде Ковачевски, знаеме дека евроатлантските интеграции се од стратешки интерес за стабилноста и безбедноста, за економијата, и животниот стандард, на целиот Западен Балкан.

-И Европската Унија конечно сфати дека и нејзин стратешки и безбедносен интерес е Западен Балкан да биде дел од Европа. Дека државите од Западен Балкан имаат демократски прогресивни раководства и дека сега е моментот да се осигура заокружувањето на европското семејство. Овој моментум на подадени раце од нашите партнери и пријатели не смееме да го пропуштиме. И ние ЕУ и ние досега ги исполнивме сите ветувања и така и ќе продолжиме. Отворањето на преговорите и започнувањето на скринингот е огромен успех за сите нас. Процесот е конечно започнат и сега, со целосно заштитен индентитет и национални интереси, признаени и потврдени од Европа, напредуваме во реформите, за да обезбедиме европски стандарди и принципи, потенцира Ковачевски.

Премиерот нагласи дека за нас, за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик, признанието од Европа било многу важно.

-Преговорите беа мачни и тешки, но успеавме да ги задржиме нашите позиции и да го постигнеме она за кое се боревме, а тоа е да си го зачуваме македонскиот јазик и да го издигнеме на исто рамниште со останатите јазици на Европската Унија. Македонскиот идентитет ќе продолжи да се развива како дел од комплексниот европски идентитет. Доказ за нашиот напор и исполнетото ветување пред граѓаните беше потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС, како прв ваков договор на кој сме ставиле потпис заедно со сите останати 27 земји членки, на македонски јазик, без какви било додавки или фусноти. Ова, заедно со признанието дека сме успешна, мултиетничка функционална демократија на рамноправи граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други кои тука живеат, држава којашто суштински придонесува во мирот и стабилноста, нам ни отвора простор, да пристапиме и кон другите потребни чекори, додаде Ковачевски.

Во своето обраќање на меѓувладината седница тој уште кажа дека неопходните чекори следуваат во Парламентот, со цел во еден динамичен процес да се заокружат пристапните преговори со ЕУ.

-Нема простор повеќе за оправдувања коишто би го закочиле процесот на европските интеграции на нашата држава. Сега сѐ е во наши раце. Очекувам пратениците да покажат одговорност и во Парламентот, со цел да продолжиме брзо да се движиме кон ЕУ. Како што заедно ги почнавме преговорите, Северна Македонија и Албанија ја имаат можноста и заедно и да ги завршат. Со членството во ЕУ ќе обезбедиме квалитетен живот за нашите граѓани, според европски стандарди, а младите ќе ни живеат во Европа, но тоа ќе биде во родната земја, дома, истакна Ковачевски.

Спонзорирано: