13.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИНТЕРВЈУТОП ВЕСТИ

Спасовски во екслузивно интервју за CENTAR.mk за успесите на МВР на внатрешен и меѓународен план

CENTAR Интервју со Министерот за Внатрешни Работи Оливер Спасовски.

Вашето раководење со МВР, меѓу другото, е одбележано и со интензивни реконструкции на објектите на полицијата низ државата. За утре најавивте промоција на најновиот реконструиран објект на МВР, Полициската станица во Гази Баба. Која беше причината да се зафатите на ваков обемен проект?

Да, со посебно задоволство можам да кажам дека утре го промовираме 78-иот реконструиран објект на Министерството за внатрешни работи – Полициската станица  Гази Баба, како дел од активностите на МВР поставени на стратешко ниво.

Покрај стратешки поставените реформски процеси уште на почетокот на мандатот во 2017 година, за деполитизација, департизација и професионализација на МВР, како врвен приоритет го позициониравме токму подобрувањето на условите за работа на полициските службеници, бидејќи само задоволна полиција е гарант за создавање на взамна синергија и доверба меѓу полицијата и граѓаните за целосна безбедност на нашето општество.

Во таа насока, како раководство одлучивме да започнеме со целосна и сеопфатна реконструкција на објектите на МВР на територијата на целата држава и, еве, денеска можеме да се пофалиме со завидна бројка од 78 реконструирани објекти, најголем дел енергетско ефикасни, во насока на енергетски заштеди и зачувување на животната средина, како што, впрочем, е и Полициската станица во Гази Баба која ќе ја промовираме утре.

Базичната причина за да се нафатиме на овој процес беше затекнатата состојба на објектите, дотраеноста и неводењето грижа за условите во кои работи полицијата во претходниот период. Знаете, некои од полициските станици не беа допрени над 40, над 50 години, па оттука, сакавме работите да ги смениме од корен и да овозможиме на полициските службеници достоинствени работни услови, како мотив плус во обезбедувањето на квалитетни и навремени услуги до граѓаните, но и резултати во насока на подигање на безбедноста на највисоко ниво. Притоа, ги запазивме принципите за  заштита на животната средина и енергетска ефикасност, за што вложуваме во енергетски фасади и прозорци, соларни панели за топла вода, со цел остварување заштеди во буџетот, работејќи под мотото „Сината униформа делува за зелена околина“. Со задоволство можам да кажам дека од 2017 до 2020 година има намалување на сметките за електрична енергија од 45 милиони денари што претставува заштеда која се движи од 7% до 33%.

Во однос на реализација на реконструкциите во 2022 година, веќе се отпочнати подготовките за реконструкција на највиталниот објект на МВР – Центарот за обука во Идризово, а продолжуваме и со целосна реконструкција на Управните служби во зградата на МТВ кои го претставуваат лицето на МВР пред граѓаните, како и изградба на целосно нова полициска станица во Аеродром. Во многу скоро време ќе ја пуштиме во употреба и новата зграда на Форензичкиот центар, како најсовремена лабораторија на Балканот. Тука е и новиот податочен центар во Прилеп за заштита на електронските податоци на голем број државни инстицуии, кој е капитален објект од критичната безбедносна инфраструктура во кој како МВР од сопствен Буџет вложивме околу 100.000 евра, а ЕУ преку ИПА фондовите инвестираше околу 3,5 милиони евра.

Нашата крајна цел е да обезбедиме инфраструктура која е одржлива и за идните генерации, и која е во насока на светските трендови за заштита на животната средина. Сметам дека веќе се видливи резултатите од овие наши напори, бидејќи создадовме задоволна и мотивирана полиција која испорачува резултати, во делот на борбата против организираниот и сериозен криминал, илегалната миграција, борбата против шверцот со дрога и оружје, зачестените сообраќајни контроли, итн.

Постојано објавувате на социјалните мрежи за нови набавки на униформи за полицајците, како и за зголемување на платите на вработените. Не ли сметате дека ова се елементарни работи кои треба да поминат без такво пласирање во јавноста?

Сосема сте во право дека тоа се елементарни работи за нормално функционирање на полицијата, па сепак како што веќе реков некои од полициските станици не беа допрени по четири – пет децении, полицијата беше со стари и дотраени униформи и чевли кои си ги купуваа сами. Притоа, да не заборавиме дека живееме во време на брзи информации, кои многу често можат да бидат и лажни, а лесно пренесени по медиумите, по порталите, по социјалните мрежи и да се создаде слика која не е дел од реалноста. Тука говорам за дезинформациите од одредени структури дека полициските службеници немаат униформи, или носат стари униформи. Затоа, секој пат кога вршиме распределба на униформи или нивни составни делови ние тоа јавно го споделуваме, за јавноста да е целосно и правилно информирана.

Втората поента којашто тука би сакал да ја потенцирам е определбата на ова раководство на МВР за целосна отвореност на Министерството, транспарентно и отчетно да ве информираме вас медиумите и пошироката јавноста за сите активности кои ги преземаме, каде и како се трошат парите на граѓаните. Знаете, тоа беше најголемиот проблем на МВР во минатото, до пред 2017 година – крајната затвореност. Откако го преземав раководењето со МВР, бевме решителни да ја отвориме институцијата и да објавуваме за секоја наша активност. И тогаш наидовме на прашања од типот: зошто објавувате за голем број на апсења, приведувања, акции, контроли, зарем толку е зголемен криминалот во државата?! Не, тоа е затоа што претходните воопшто ништо не ја информираа јавноста за безбедносната состојба во државата. Нашиот пристап е спротивен. И токму во таа насока за нас од императивно значење е обезбедување на овие елементарни предуслови за полициското работење.

И во оваа прилика ќе ги истакнам сите одлуки коишто во мојот мандат се спроведени во делот на униформи и плати на вработени во МВР, бидејќи сега веќе можеме да зборуваме за 3 покачувања на плати 2018, 2019 и 2022 година по 5% за сите вработени во МВР.

Само во набавка за униформи за припадниците на сите организациони единици на МВР инвестиравме над 10 милиони евра. Во 2020/2021 година беше извршена набавка на комплет униформа за припадници на полицијата и тоа: по 10.000 пара полувисоки чевли и  чевли со подебел ѓон, 8.000 пара чевли со потенок ѓон, 8.550 пара високи специјални чизми, 14.418 парчиња зимски и летни панталони, 790 здолништа, по 10.000 кошули со долг и со краток ракав, по 8.000 парчиња виндјакни и маици со кратки ракави со јака, по 10.000 парчиња ремени со шнола, летни и зимски капи. За Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ обезбедени се по 427 цивилни одела, кошули и обувки, а униформи и опрема за воздухопловен персонал доби и Хеликоптерската единица кој се состоеше од зимска летачка јакна и заштитен комбинезон.

Од набавената количина на униформа се задоволија потребите и за последната класа на полициски службеници, односно за 602 приправници кои засноваа работен однос на 03.10.2022 година им се издадоа комплет полициски униформи согласно важечките правилници. Затоа, ако некој кажува дека нема униформи, тоа едноставно е лага.

Што се однесува до платите, покрај трите зголемувања за сите полициски службеници што ги споменав, со дополнително зголемување на платите од 30 отсто се опфатени 100 лица од Одделот за информатика и телекомуникации, и тоа сметано од 01.01.2020 година, а на овој чекор се  решивме со цел да се мотивираат овие специфични кадри да не заминуваат од министерството и соодветно да придонесат на позициите за кои се ангажирани. Покрај ова, за припадниците на Одделот за специјални полициски операции обезбедивме исплата на патни трошоци за оние кои живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања. Посебно значајно за ова раководство на МВР е што ја зголемивме основната компонента за полицаец. Дополнително, во согласност со новиот Закон за минимална плата, за сите вработени во МВР на кои им се исплаќа платата врз основа на Законот за внатрешни работи и Колективниот договор, минималната бруто-плата изнесува 26.800 денари. Тоа значи дека платата за вработените во МВР за најниското работно место со статус на овластени лица и полициски службеници, во согласност со систематизацијата на МВР, е над предвидената минимална плата. Во однос на бонус плата, ги исплативме заостанатите неисплатени бонус плати и редовно продолживме со исплаќање на истите, за 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година. Со извршената исплата на бонус плата за првпат е спроведена законската обврска од Закон за работни односи и работниците во МВР повеќе не поднесуваат тужби за остварување на своите права.

Во оваа прилика би сакал да информирам дека веќе имаме средби и разговори со претставници на Министерството за финансии, со цел одобрување на дополнителни средства во буџетот на министерството, кои ќе бидат наменети за зголемување на платата на вработените во МВР и во наредниот период.

Со најновиот Колективен договор, донесени се одлуки кои значат финансиско зголемување за вработените во МВР: 5 % исплата за домашно дежурство за неуниформирани полициски службеници, исплата на јубилејна награда за 10 години непрекината работа во МВР, исплата на еднократна помош од 100 евра во денарска противвредност за новородено дете, за припаднички на МВР, исплата на надоместок за ментор за успешно спроведена менторска програма, исплата за надоместок на храна за ноќна работа, а во 2021 година исплатени се 259 вработени во вкупен износ од 6.149.195 денари.

Од полициските службеници кои беа доведени во состојба на супстандардни услови, без потребна опрема и униформи, ние создадовме мотивирана полиција која работи во интерес на граѓаните и државата и тоа го сметам за голем успех. Продолжуваме во оваа наша цел и во наредниот период, со уште поголема енергија да ги воспоставуваме европските стандарди во полицијата за да можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето.

Уште е силно актуелна ситуацијата на лажни дојави за бомби во неколку средни училишта која предизвикува немир и страв кај граѓаните, родителите и децата. Од друга страна деновиве беше објавено дека според Глобалниот индекс на мир, Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан и 36 место во светот. Каква е безбедноста во нашата земја и што презема МВР во врска со тоа?

Уште веднаш ќе потенцирам дека безбедносната состојба во државата е стабилна, а МВР целосно и успешно ја врши својата работа да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава. Во оваа насока говори и годинешното рангирање на Глобалниот индекс за мир, според кој денеска Република Северна Македонија е најбезбедна држава на Западен Балкан, во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, односно четири позиции повисоко рангирана од лани, со скок од 67 места од 2017, кога сме биле на 103 место на ниво на светот. Проценувајќи неколку аспекти на мирот, вклучително и општествената безбедност, Глобалниот индекс на мир е корисна алатка за анализа до каде сме стигнале во нашите заложби. Континуираниот напредок на државата според Глобалниот индекс на мир колку што е резултат на спроведувањето на поставените приоритети на ова раководство, подеднакво е заслуга на вработените во институцијата која претставува гарант на безбедноста и сигурноста, но и на граѓаните. Без нивната поддршка, без партнерството кое го воспоставивме со граѓаните, резултатите немаше да бидат ни толку брзи и евидентни, ниту континуирани. Затоа со право можам да кажам дека денес полицијата е институција со најголема доверба меѓу граѓаните и најтранспарентна во своето работење според релевантните истражувања. И тоа е исклучително важен резултат за самото чувство на безбедноста на секој граѓанин посебно.

За бомбите уште еднаш ќе потенцирам дека ваквиот тип на дејствување се оценува како  класичен хибриден напад, глобален проблем од кој ни Македонија не е исклучок. Секој од нас може да утврди дека целта на овие напади е да се таргетираат и онеспособат политичките институции, да се влијае на јавното мислење, да се поткопа безбедноста на граѓаните, да се дестабилизира, да се исцрпуваат безбедносни ресурси, да се внесе немир во нашите животи… Причините за ваквите монструозни дела можат да бидат различни –  за геостратешки или бизнис цели, но МВР работи со сиот свој потенцијал, заедно со нашите меѓународни партнери, на откривање на сторителите. Ја анализираме секоја трага, информација или индиција сѐ до моментот кога ќе бидат пронајдени вистинските извршители на овој чин. Екипите за антитероризам после секоја пријава ги евакуираат учениците и детално ги прегледуваат сите училишта според веќе утврдените протоколи сѐ додека не се потврди дека се станува збор за лажни дојави.

Она што засега можам да кажам е дека истрагата трае, познати се мејловите , од каде се пратени, се знаат точните податоци, при што се работи интензивно, заедно со партнерските служби, сè со цел да се дојде до вистинскиот сторител на едно вакво дело. Притоа сите капацитети кои стојат на располагање, човечки и материјално-технички се ставени во функција на државата и сите капацитети на партнерите на Република Северна Македонија се ставени на располагање.

Перцепцијата дека корупцијата во нашето општество е широко распространета постои, дел нотирана во извештаите за земјата од Европската Унија, дел како докажана преку реализирани и докажани правни процеси? Како министерството за внатрешни работи се бори, учествува во борбата со корупцијата и нејзино спречување?

Заложбата на Република Северна Македонија за борба против корупцијата се рефлектира и преку усвојувањето на мерките од Планот за борба против корупцијата, како приоритет од владината рамка „Акција 21 – европски стандарди дома“, усвоен на 2 март 2021 година од кој што произлегоа мерки и заклучоци со рокови за институциите. Покрај тоа, Министерството за внатрешни работи на годишно ниво ја донесува Антикорупциската програма, чија цел е постигнување на антикорупциска култура кај вработените, градење на интегритет согласно европските стандарди, подигање на свеста преку соодветни обуки, отстранување на условите за постоење на корупција во полицијата и непрофесионалното однесување. МВР има воспоставено организациони единици за борба против корупција и тоа: Единица за корупција во Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција – Сектор за криминалистички истраги – задолжена да постапува по коруптивни кривични дела од областа на организираниот криминал на целата територија на Република Северна Македонија (кривични дела по кои постапува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција); Единица за борба против корупција во Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција, која има надлежност на целата територија на Република Северна Македонија, за координација со сите осум Сектори за внатрешни работи во Министерството за внатрешни работи, по месна надлежност; Организациските единици за економски криминал и корупција, во рамки на секој од осумте Сектори за внатрешни работи во Министерството за внатрешни работи, кои работат на случаи по месна надлежност и по насоки од месно надлежните Основни јавни обвинителства.

Министерството за внатрешни работи уште во старт започна со имплементација на низа процедури и активности со цел да се зајакне внатрешната контрола и низа механизми со цел јакнење на интегритетот на полициските службеници. Како реформски зафати кои придонесоа кон поголема контрола врз работата на полицијата, би го споменал воспоставувањето на Надворешниот механизам за контрола, кој се состои од две компоненти: посебното Одделение во рамки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Надворешниот механизам за граѓанска контрола при Народниот правобранител.

Преземавме низа механизми во делот на антикорупциските политики, како што е обврската секој вработен во македонската полиција да пополнува анкетен лист за неговата имотна состојба и за судир на интереси.

Покрај ова, преку соработка со ИЦИТАП програмата на САД обезбедени се мобилни камери за сите припадници на полицијата во делот на сообраќајот и во делот на граничните премини, како механизам на намалување на можни коруптивни влијанија.

Во поглед на резултатите на МВР, во 2021 година МВР имаше зголемена откривачка функција за 50%, а оваа година, од јануари до 25 октомври, само во оваа област имаме откриено 87 кривични дела со коруптивни елементи, за кои се пријавени 117 сторители при што причинета е материјална штета од над 143,9 милиони денари.

Притоа, нема да згрешам ако кажам дека ниту едно општество не е имуно на феноменот на корупција. Прашањето е колку сакаме да креираме и развиваме системска заштита од овие дејствија. Јавноста веќе гледа дека сега никој не е заштитен од органите на прогонот, така што и високи функционери од актуелната власт веќе се процесуирани во правниот систем на државата. Има значително придвижување од времињата кога баџанаци и братучеди беа центарот на државата, на институциите и на партијата, односно сѐ во едно, кое Европа го нарече заробена држава.

Притоа, јас сум исклучително задоволен од фактот што сѐ поголем број граѓани се одважуваат да пријават корупција, што директно имплицира дека расте довербата во полицијата, а паралелно расте и јавната свест кај граѓаните за отфрлање на корупцијата. Сите заедно и секој од нас треба да ја направиме главната реформа во државата, реформата на умот, кој не толерира корупција, криминал и девијантни однесувања. На крај памет на никого од нас да не ни биде да понудиме или да прифатиме да учествуваме во коруптивно дејство.

Затоа и во оваа пригода би апелирал до граѓаните секогаш кога има и најмала индиција или за корупција, тоа веднаш да го пријават, бидејќи корупцијата како еден од најопасните феномени го уназадува општеството, ги јаде работните места и економијата. Одговорноста ќе ги стигне сите, и оние кои бараат и оние кои даваат поткуп. Сите заеднички да ја биеме таа битка, за подобро општество, за подобра држава.

Постојано излегувате со соопштенија за полициски акции на фатени поголеми количини дрога и секојдневни извештаи во билтените за фатените дилери и корисници. Ја добиваме или губиме битката со дрогата во државата?

Борбата против недозволената трговија со дрога е исто така еден од главните стратешки приоритети на министеството за внатрешни работи.

Како министер за внатрешни работи со посебно задоволство ќе нагласам дека неодамна во печките на Макстил уништивме досега најголема количина дрога од 10 тони  која е резултат на бројните оперативни акции и континуираните активности коишто како МВР ги спроведуваме во изминатите неколку години со цел спречување на нелегалната трговија со дрога и прекурсори.

Со квалитетна соработка и размена на информации со партнерските служби во Европа и светот само оваа година се пресечени  8 меѓународни транспорти на дрога, од кои 6 на марихуана, еден на прекурсори и еден на кокаин. Само во текот на оваа година пресековме осум меѓународни транспорти на марихуана на следните релации: Албанија-Северна Македонија-Грција (три заплени), Албанија – Северна Македонија-Турција, Албанија-Северна Македонија-Бугарија, Албанија-Северна Македонија и Косово-Северна Македонија-Турција, како и по еден меѓународен транспорт на кокаин на релација Холандија-Македонија и на прекурсор Р-2-Р фенилацетон, кој е главен прекурсор за добивање на амфетамински тип стимуланси, на релација од Кина -Турција-Северна Македонија.

Зголемување во 2022 година бележиме и при сузбивањето на криминалните групи, односно во 2022 година сузбиени се 10 криминални групи, запленети се 190.7 килограми марихуана, 15.452 стебла канабис сатива, 2.500 милилитри анхидрид и над 20 тона прекурсори „фенилацетон“. Покрај ова сузбиена е и група која на територија на Република Бугарија инсталирале нелегална лабораторија за производство на синтетички дроги амфетамин, метамфетамин и екстази и потоа неовластено произведената синтетичка дрога ја продавале на територија на Бугарија, а дел од неа транспортирале во Северна Македонија заради понатамошна продажба. Вредноста на вкупно запленетата дрога е над 205.5 милиони евра во кои имаме над 6.6 килограми хероин, над 2.2 тона марихуана и над 1200 килограми психотропни супстанци и прекурсори, што претставува показател за сериозно зголемена откривачка функција на полицијата во справување и со шверцот со дрога и наркотици.

Исто така, за обележување се откриените случаи на злоупотреба на седум (едно) правни лица со лиценца за одгледување на канабис за медицински цели на подрачје на Струмица, Охрид, Битола, Кочани, Куманово и Струга, при што од правните лица поради откриени неправилности и злоупотреби одземени се: еден тон и 931,4 килограм марихуана и 8.998 стебла „канабис сатива“.

Крајот на минатиот месец го одбележа потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС. Кое е неговото значење за нас?

Јас сум многу горд што успеавме да го потпишеме овој прв договор со ЕУ, кој има повеќе значења за државата. Првото и најзаначајно што останува во историјата е дека е потпишан на македонски јазик и како прв договор, практично на дело ги покажува перспективите од отворањето на преговори со ЕУ. Горд сум што оваа Влада го внесе македонскиот јазик во официјалните јазици на ЕУ.

Притоа би потсетил на првичната иницијатива за овој договор која беше покрената во декември 2016 од Европската Комисија. Ја прифативме, формиравме тим за преговори, македонскиот тим разговараше и во јули 2018 со тогашниот еврокомесар Аврамопулос ние го парафиравме текстот на Договорот со Фронтекс, со што бевме прва држава во регионот која целосно ги заврши преговорите. Зошто се одложи? Заради блокадата од Бугарија. Ние инсистиравме Договорот да биде потпишан на македонски јазик и не отстапивме од тоа. Беа понудени неколку формулации, но ние сакавме договорот да биде потпишан исклучиво на македонски јазик. А потоа, поради промена на европската регулатива, беше отпочнато со нов предлог договор кој беше завршен за експресно кратко време, во две рунди на разговори со ЕК. Затоа е големо и значењето на овој договор. Паднаа во вода сите манипулации и лаги од опозицијата дека ЕУ не нѐ признава како македонски народ, со македонски јазик. Напротив, со овој документ македонскиот јазик се признава како официјален, народот како македонски, идентитетот сочуван.

Потпишувањето на самиот Договор, покрај неговата историска вредност, за нас има и големо безбедносно значење, бидејќи во партнерство со Европската Унија ќе обезбедиме одржливи, трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, а со тоа и посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани и граѓаните на Унијата. Или подетално, со склучувањето на Договорот со Европската Унија се создаде правна рамка за распоредување тимови за управување со границите на Европската гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија и со него ќе се придонесе кон ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијални идни закани, а со тоа и кон справувањето со сериозниот криминал со прекугранична димензија. Истовремено, овој договор ќе придонесе кон посигурни граници, подобра гранична контрола, а со тоа и поголема безбедност на нашите граѓани. Ќе овозможи брзо распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или на странски полициски службеници на критични точки на границите, а во случаи на ненадејно и брзо влошување на состојбата се обезбедуваат можности за сигурна и континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки и слично.

Кога сме веќе кај меѓународната соработка, забележлива беше вашата динамична меѓународна агенда во изминативе два месеца. Се наѕираат ли некои поволни резултати од таквата активност?

Да, кон средината на месец септември започнав зајакната меѓународна агенда, како резултат на големата важност на меѓународната соработка за МВР, особено за развој на сите видови соработка, а пред сè, од областа на внатрешните работи. И во оваа насока како Министерство за внатрешни работи и натаму ќе останеме посветени на заедничкиот настап во справувањето со различните видови на криминал, но и во постојаната надградба на капацитети за полициските службеници, а со тоа и во осигурување поголема безбедност за нашите граѓани.

Започнавме со работна посета на романското МВР и Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК во Букурешт, по што следеше посета во Генералниот секретаријат на Меѓународната организација за криминалистичка полиција – ИНТЕРПОЛ со седиште во Лион, Франција, по повод организирањето на јубилејната 50. Европска регионална конференција, која во 2023 година е доверена на Република Северна Македонија, што се совпаѓа со уште еден значаен јубилеј – 30- годишнината од членувањето на нашата држава во ова глобално полициско семејство.

При посетата на Агенцијата на Европската Унија за соработка при спроведување на законот (ЕВРОПОЛ) во Хаг, Кралство Холандија, што беше и прва посета на министер за внатрешни работи од РСМ на седиштето на ЕВРОПОЛ во Хаг, имав средба со Извршниот директор на ЕВРОПОЛ, Катрин Де Бол. Целта на посетата беше зајакнување на оперативната соработка со ЕВРОПОЛ, во која нашата држава зема активно учество со својот придонес во тековните активности на агенцијата.

Со свое обраќање учествував на општата дебата на 73. Сесија на Извршниот комитет на Програмата на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации во Женева, Швајцарска Конфедерација, при што остварив средби со Високиот комесар за бегалци Филипо Гранди, како и со Генералниот директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Антонио Виторино. Тука уште еднаш би споменал дека на 15 и 16 овој месец нашата држава ќе биде домаќин на Министерска конференција во соорганизација со ИОМ на тема одржливо управување со миграциите во регионот на Западен Балкан.

Почетокот на месецов го одбележавме со учество на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за внатрешни работи и правда во Тирана, Република Албанија,  каде учествував на двете пленарни сесии посветени на миграциските текови и на безбедносното влијание од руската воена агресија против Украина, како и работната посета на Швајцарската Конфедерација, каде што остварив средба со Федералниот советник од Одделот за правда и полиција, Карин Келер-Сутер, при што заедно го потпишавме Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Северна Македонија и Швајцарскиот Федерален совет за воспоставување на партнерство за миграција. При крајот на претходниот месец, пак,  учествував на две конференции, во рамки на Берлинскиот и на Прашкиот процес, исклучително важни за поврзување на регионот во насока на евроинтеграција на регионот.

Уште една додадена вредност на меѓународните активности претставуваат и средбите со наши граѓани во странство, согласно веќе воспоставената практика за време на работните престои во странство под мотото „Го слушаме гласот на сите, секој еден е важен”, за да се запознаеме со веќе отпочнатите иницијативи и активности во насока на подобрување на квалитетот на живот, но и да пронајдеме начини тие да се забрзаат и реализираат. За таа цел, континуирано известуваме за напредокот на процедурите со издавање на патни исправи за наши граѓани во странство, преку базните станици, па би споменал дека досега вкупно се издадени 17.650 пасоши преку ДКП-ата.

Сето ова е во насока на позитивниот аспект на меѓународно позиционирање на Северна Македонија со приемот во НАТО во март 2020 година и прогресот од 2017 година во поглед на владеењето на правото, демократијата, човековите права, развојот на моделот на мултиетничките односи, надополнето со посветениот ангажман кон регионалната соработка и добрососедството, како резултат на што Република Северна Македонија од 2023 ќе ја преземе и улогата на Претседавач со ОБСЕ.

Тоа беше нашиот приоритет – да ја вратиме довербата на полицијата првин кај граѓаните, а потоа и кај меѓународната заедница преку меѓународна соработка и активност како со традиционалните партнерски земји, така и со регионалните и меѓународни организации. Претставувањето на демократските принципи на владеење во државата и резултатите на МВР се клучна алатка за да нашата држава стане релевантен партнер во меѓународната заедница, а МВР угледен член на сите полициски и безбедносни институции во регионот, Европа и во светот.

На мое големо задоволство можам да кажам дека при сите овие работни посети и средби оценката од меѓународните партнери е дека Северна Македонија претставува кредибилен партнер и лидер во имплементацијата на заедничките оперативни активности иницирани од нивна страна, што претставува мотив повеќе за продолжување и интензивирање на соработката преку континуиран и несебичен придонес на нашата држава со сите расположливи капацитети.

Мораме да признаеме дека во последните месеци па и години позабележително е присуството на сообраќајната полиција по патиштата низ државата. Што велат бројките, какви се состојбите во сообраќајот?

Безбедноста во сообраќајот е, исто така, еден од врвно поставените приоритети на Mинистерството за внатрешни работи. Преку планирана комбинација од зајакнати сообраќајни контроли и превентивни активност имаме постојано подобрување на бројките во последните пет години. Минатата година беше најбезбедна година од аспект на најмал број жртви во сообраќајни незгоди со 116 загинати. Оваа година досега бројот до 25 октомври е 87 незгоди со загинати лица, наспроти 92 во истиот период  минатата година и се надеваме дека до крајот на годината ќе имаме уште понизок број на жртви од минатата година. Бројот на сообраќајни жртви со потешки последици е намален годинава за 7% за споредба со истиот период лани, а  за 10% е намален бројот на повредените лица.

Превентивните активности се значителен дел од овој напредок и ги преземаме заедно со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и со Факултетот за безбедност. Преку целата година имаме превентивни активности насочени кон различни актери во сообраќајот, кон возачите, кон пешаците, „Вози одморен“ која е најактуелна летно време за време на зголемениот сообраќај заради туризмот и многу други. Одделите за превенција во министерството кои се исклучително актуелни со во овој период опфаќаат голем број превентивни активности и едукации за учесниците во сообраќајот од најмалите, преку посети во нивните градинки и училишта, од каде и треба да почне да се гради сообраќајната култура, до активности на лице место, каде се одвива сообраќајот. Остануваме посветени и во превентивните и во контролно-репресивните активности бидејќи и една жртва е една премногу во сообраќајот. Секој треба да стигне жив и здрав каде што е тргнат, без разлика дали е пешак, возач или пасивен учесник во сообраќајот.

Спонзорирано: