Со неверување ја добив веста за бркање на првиот синдикалец во Водовод од Арсовска, останувањето без работа поради изнесен став е нецивилизиран чин, рече претседателот на Совет во Град Скопје, Трајко Славески кој неодамна имаше конфликт во Советот со градоначалничката која го нарече „Хитлер“.
„Обвинуваат за Хитлер, а се однесуваат како него. Обвинуваат за деспот, а применуваат деспотски методи. Со неверување ја добив веста дека претседателот на синдикатот во ЈП Водовод и канализација е избркан од работа. Без разлика кои причини ќе ги наведе градоначалничката Арсовска, и не спорам дека тука ќе бидат креативни во обвинувањата, и без разлика дали некој се согласува со ставовите на синдикатот или не, бркањето од работа поради изразен став и поради борба за заштита на работнички права го сметам за нецивилизиран чин на самоволие и дрско нарушување на интегритетот на работничките права и на работниците воопшто“, вели Славевски.
Бруталното замолчување на гласот на синдикалното движење, додава првиот човек на градскиот совет, е одлика на исплашен систем, кој масовно ги крши правата. Ваквата одлука, вели тој, е спротивна на неговите уверувања како претседател на Совет на град Скопје, а верува дека е спротивна и на огромното мнозинство советници чиј интегритет и заштита на верувањата се во преден план.
„Тоа не е начинот на кој градот треба да се води, преку газење на слободата и правата на другите, колку и тие да се различни и спротивни. Колку и да е тажно, ова буди асоцијации на некои од најмрачните времиња од историјата на ХХ-тиот век. На 2. мај 1933 година беа окупирани канцелариите на синдикатите во Германија, беа конфискувани нивните средства и синдикатите беа официјално укинати, а нивните лидери уапсени. Голем број синдикални лидери беа претепани и испратени во концентрациони кампови, вклучително и такви кои претходно се беа согласиле на соработка со Нацистите. Погазувањето на синдикалните права на работниците заслужува најостра осуда! Тоа е нешто во што силно верувам“, додаде Славевски.
Вчера Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека претседателот на синдикалната организација на „Водовод и канализација” Стојанче Кашински добил отказ од страна на в.д. директорот на претпријатието Марјанче Митовски.
„Отказот е даден поради тоа што конфликтниот Митовски лошо смислил дека работникот Стојанче Кашиковски е должен да извршува работни задачи и обврски за време на годишен одмор, а единствено одговорно лице кај правното лицесогласно Статутот на ЈП ‘Вододовод и канализација’ Скопје за извршување на тие задачи бил токму Митовски“, наведе синдикатот.