23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

СДСМ: Со мерките ја спасивме економијата; ВМРО-ДПМНЕ: Таа тоне поради власта

Со антикризните мерки на Владата ја спасивме економијата, велат утрово од СДСМ, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека погрешното раководење го урнисува овој значаен сектор.

„За време на најтешката светска економска криза, преку навремени и ефикасни мерки и политики Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски успеа да ја спаси македонската економија. Само со последниот пакет мерки им помагаме на околу 200.000 граѓани, доминантно од ранливите категории граѓани. Претходно, уште во првите 100 дена од мандатот на оваа Влада минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари. Двојно повеќе отколку во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.

Додаваат дека пензиите за 6 месеци се зголемени за 10 отсто, односно за шест месеци за 1.500 денари власта ја зголемила просечната пензија. Пензиите и минималната плата ќе продолжат да растат, уверува СДСМ, додавајќи дека се обезбедени пари со буџетот за 2023 година и веќе в март идната година ќе следува ново зголемување на пензиите и минималната плата.

Спротивно на тоа, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека економијата тоне заради социјалдемократите.

„Економијата заради СДС тоне, висока инфлација, зголемен трговски дефицит, голем јавен долг. Македонија со СДС ја има најголемата инфлација во Европа. Инфалцијата од 20 отсто ги јаде примањата на народот. Лага е дека има покачување на плати, тоа не е ниту порамнување. Реалноста е дека имаме пад на реалната плата. Тоа што пред две години граѓаните го купувале за 500 денари, сега не можат ниту за 1.000 денари. Лошите показатели од неработата на власта се насекаде. Трговскио дефицит постојано се зголемува. Јавниот долг со СДС достигна над 7.5 милијарди евра. Или за неколку години откако е власт СДС тој е зголемен за 3 милијарди, а нема никакви нови изградени проекти, ниту некој знае да каже каде заминаа тие пари“, велат од опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ повторно повика на предвремени избори час поскоро.