Компаниите кои произведуваат масло, млеко и млечни производи, житарки и леб ќе плаќаат пониски сметки за струја, но ќе мора да ги намалат и цените на финалните производи.
Компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи и се се регистрирани со шифри на дејност 10.41, 10.51, 10.61, 10.71 во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи како и производители на јајца ќе имаат фиксна цена на електрична енергија.
АД ЕСМ денеска ги објави повиците за склучување договори со кои им се нуди поевтина електрична енергија на 200 компании од прехрамбениот сектор, училиштата и јавните водоводни претпријатија и пречистителни станици.
Во одлуката која Владата ја донесе претходно се вели дека на ЕСМ ќе му бидат префрлени 216. 000.000 денари за прехранбениот сектор, 185.000.000 денaри за комуналните претпријатија што работат со вода и 68.000.000 денари треба да се издвојат за училишта.
Електрани треба на посебна наменска сметка од Владата да добие вкупно 7,7 милиони евра.
Според компаниите, поевтината струја за еден месец ќе овозможи стабилизирање на пазарот, по што може да се утврди намалувањето на цената на пекарските производи за околу 10 отсто.
Поевтина струја за училишта и ЈП за водоснабдување
ЕСМ предупредува дека компаниите, училиштата и јавните претпријатија со снабдувачите на слободниот пазар треба да имаат тековен договор кој ќе може да се раскине спогодбено, односно да се стави во мирување додека трае снабдувањето со „Енергетика“.
-Склучените договори за снабдување со електрична енергија помеѓу потрошувачите и ЕСМ Продажба ДООЕЛ, Скопје се со траење за временскиот период додека трае кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија, односно до 30.04.2023 година, во кој период потрошувачите ги ставаат во мирување договорите за снабдување со електрична енергија, за кои ЕСМ Продажба не презема никаква одговорност, се вели во повикот.
-Обезбедивме непречено и по стабилни цени, снабдување со електрична енергија на виталните институции, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција. Тој кажа дека Владата со одлука го задолжило ЕСМ за време на енергетската криза да снабдува неколку категории потрошувачи, дополнително од оние задолжени со закон.
Така ќе се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, да се одржи сигурност во снабдувањето со вода, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за време на наставата.
Поевтината струја се однесува за потрошувачите кои се занимаваат со прехранбената индустрија (80 евра за мегават час), со што се очекува пад од 10% на цените на основните производи.
Во втората категорија се јавните претпријатија од водостопанство (95 евра за мегават час), а во трета категорија се основните и средните училишта (95 евра за мегават час).
Производите да поевтинат за 10 проценти
Овие потрошувачи додека трае кризната состојба до 30 април нема да бидат на слободниот пазар, каде што цената на струјата е многу повисока, туку прехранбените компании ќе плаќаат по 80, додека претпријатијата и училиштата по 95 евра од киловатчас.
Компаниите кои произведуваат храна може да учествуваат на повикотсамо ако се занимаваат со живина, преработка и конзервирање на месо, производство на животинско и живинско месо, масла и масти, преработка на млеко и производство на млечни производи, мелнички производи, леб и квасец. Владата, која ја донесе ваквата одлука, очекува намалување на цените на производите на овие компании барем за 10 отсто.
Договорите ќе важат додека трае кризната состојба, односно до 30 април. Доколку учесниците сакаат да добиваат струја од ЕСМ Енергетика уште од 1 декември, ќе мора да ја комплетираат документацијата до 10 ноември. Доколку не, договорот ќе важи најрано од 1 јануари 2023.
Да не се злоупотребува законот за енергетика
Владата со истовремената одлука за забрана јавните претпријатија за улично осветлување да купуваат струја од регулираниот пазар, очекува да го растовари ЕСМ. Тие ќе мора да се преселат на регулираниот пазар, а ЕВН да им ги раскине договорите.
-Сепак, нема да дозволиме злоупотреба на Законот за енергетика и на правилата во делот на енергетскиот систем како што прават одредени општини со јавното осветлување со префрлање од слободен на регулиран пазар. Со новата одлука тие не траба да бидат прифатени од ЕВН дистрибуција како такви. Со тоа ќе се ослободи просторот што моментално го покрива ЕСМ, а истото важи и за одредени банки, казина, приватни средни и основни училишта и некои други компании“, посочи претходно министерот за економија Крешник Бектеши.
Соња Танеска / извор Civilmedia.mk