22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Твитер, Илон Маск и слободата на говор: Дали птицата навистина е ослободена или само и ги поткастрија крилјата?

Пишува: Соња Крамарска

Стотици илјади корисници на Твитер мигрираа на конкурентската платформа „Мастодонт“ – што е најголем поединечен егзодус во историјата на социјалните мрежи, покажувајќи му среден прст на новиот сопственик мултимилијардерот Илон Маск дека може да го купи Твитер но не и нивната доверба во него како „главен уредник“ на оваа досега слободна платформа. „Птицата е ослободена“, порача, пак, тој преку својот профил на Твитер само еден миг по потпишувањето на купопродажниот договор, илустрирајќи ја пораката со препознатливиот твитер дизајн на птица, но без рамката на фотографијата како симбол дека отсега таа нема да биде ограничена туку слободна.

Меѓутоа што се случи? Во јули 2022 година Твитер имаше 238 милиони активни корисници дневно. Бројката сега паѓа секој ден а новиот сопственик се соочува со обвинувања дека ја затвора мрежата за обичните луѓе и дека ја става на располагање на елитите и на десничарските екстремисти, со изговор дека воведува плаќање со цел да ги намали финансиските загуби на компанијата. Од она што досега може да се забележи во дискусиите кои се отворија по преземањето на платформата од страна на Илон Маск, битката не е за твитањето за музика и книги или градинарство, туку чија вистина ќе добие место во Твитер во глобалните конфликти кои се во тек и кои му претстојат на човештвото. Овој конфликт околу правото над вистината и фактите и нивната интерпретација се навести и при последните избори за претседател на САД и немирите во Капитол Хил кога Трамп не сакаше да ја предаде власта манипулирајќи со изборите и резулатот, на што Твитер реагираше со укинување на неговиот профил.

Но индикативно е што денеска Трамп е задоволен од преземањето на Твитер. „Твитер сега е во добри раце“, коментираше тој по промената на сопствеништвото на својата платформа Вистина која ја отвори откако го избркаа од Твитер. Овој коментар на поранешниот американски претседател кој се смета за одговорен за настаните во Капитол Хил, предизвика серија реакции кај Демократите во насока дека Илон Маск е негова продолжена рака и дека Трамп од offline повторно ќе стане online на Твитер токму на време за неговата кампања за претседателските избори во САД.

Борбата што се разви меѓу Демократите и Републиканците во САД по преземањето на Твитер од страна на Маск, има потенцијал да се претвори во глобален судир меѓу вистината и лагата кои во последните две декади се во мртва трка благодарение на експанзијата на социјалните мрежи.

„Од оваа катастрофа со Твитерот на Елон Маск ќе има корист Фејсбук. Срамота е што тој толку ја обезвредни мојата омилена платформа. На Твитер запознав еден тон академици и соработував со многу од нив. Беше исто така и најдобра платформа за соопштување на вести. Купувањето на Твитер ќе биде Ватерло за Илон Маск. Тој ќе се најде под широка глобална осуда која ќе ја наруши и неговата репутација. Можеби со парите тој ќе може да го надмине сето тоа но крајниот резултат ќе биде дека тој нема врска од современите вредности и принципи на достоинство и приватност во сите сфери на човештвото. Тргни се од Твитер!“, напиша Тања Доми, американски професор на Хантер колеџот и активист за човекови права, добро позната на Балканот како претседателка на советодавното дело на Пост-конфликт истражувачкиот центар во Босна и Херцеговина кој работи на издигнување на културата на мир во нашиот регион. Во коментарите на нејзината реакција таа додава дека и самиот Маск е изненаден од лавината што ја покрена, и дека тоа ќе резултира со бојкот на Твитер. „Парите не можат да те заштитат од се“, вели оваа демократка од орбитата на Клинтонови.

Тоа е само една во морето реакции кои деновиве можат да се забележат по активностите на новиот газда на Твитер. Доследно на неговиот имиџ на разгален богаташ тој ги исфрли од Твитер сите корисници кои објавија критики за него, па дури и оние со комична содржина која алудираше на него. Соочен со критиките за тој потег тој плачливо соопшти дека ја брани слободата на говор и како пример за тоа рече дека дури дозволил да остане на Твитер и акаунтот EllonJet на американскиот студент кој го следи неговиот приватен авион „без оглед што со тоа му е загрозена безбедноста“.

Македонија како по обичај е надвор од контекстите на светските теми и збиднувања, но превирањата во Твитер се важни и за овдешната публика поради политичките импликации што ги отвораат и можниот вовед во нова ера за (не)слободата на социјалните мрежи која досега беше неприкосновена вредност и овозможуваше да се пробијат бариерите за информациите кои постоеја во класичните медиуми. Со скромна бројка од 93,8 илјади Твитер корисници наспроти 280 илјади на Линкдин, 809 илјади на Инстаграм и 945 илјади на Фејсбук, Македонија е и надвор од распонот на крилата на белата птица, но бездруго ќе биде зафатена од домино ефектот на социјалните мрежи по случувањата во Твитер. Константното мешање на пример, на слободата на говор со говорот на омраза во нашето поднебје веќе наидува на реакции и ако тоа не го регулираат самите социјални мрежи ќе се создаде простор тоа да го направат законодавците со што ќе се создаде ефект на двонасочна улица каде и „сообраќајот“ на социјалните мрежи ќе мора да се одвива според правила. Впрочем промената на сопствеништвото на Твитер е топ тема и во овдешните медиуми, кои со внимание ги следат случувањата токму поради можното пошироко влијание врз содржините на интернетот.

„Значи неограничената слобода на говор сепак има граници. Само наместо  границите да се човековите права тие се желбите на Маск. Затоа јас го отстранив мојот твитер акаунт. Не сакам да имам работа со фашизоидни социопати како Маск“, гневно ќе забележи универзитетската професорка Мирјана Најчевска.

После сето тоа останува да се прашаме дали птицата навистина е ослободена или само и се поткастрија крилјата?

„Во иднина, секој Твитер-профил кој ќе се занимава со имитирање на некого, без јасно да се наведе ‘пародија’ ќе биде трајно суспендиран. Претходно издававме предупредување пред отстранувањето, но сега кога воведуваме широка верификација, и нема да има предупредување“, твитна Маск.

Маск ја плати платформата 44 милијарди долари но јасно е дека планира да ја користи како своја играчка, отпуштајќи најпрвин 4000 вработени и воведување месечна претплата за потврдување веродостојност на профилите на корисниците. „Тој воопшто не е бизнисмен како што мислевме“, реагира Твитер корисничка во дискусија на Фејсбук. Важноста на вестите кои секојдневно пристигнуваат за деловните и политичките потези на Маск во Твитер безмалку се изедначи со важноста на вестите за војната во Украина. И тоа е доволна причина да кажеме дека социјалните платформи, откако го сменија светот, сега промените ќе ги почуствуваат и самите, но ќе видиме дали на подобро или полошо.

извор Новатв.мк