Фејсбук статус на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски:
Република Северна Македонија е најбезбедна од земјите на Западен Балкан, со скок од 67 места во 2017 година и четири позиции повисоко рангирана од лани. Или, според Глобалниот индекс на мир (GPI – Global Peace Index), годинава сме во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот. Проценувајќи неколку аспекти на мирот, вклучително општествена безбедност, Глобалниот индекс на мир е корисна алатка за анализа до каде сме стигнале во нашите заложби.
И ако се навратиме на 2017 година, од кога нашата држава бележи континуиран напредок на листата на најбезбедни држави во светот која секоја година ја прави Институтот за економија и мир, не може, а да не ги реафирмираме трите важни приоритети кои ова раководство на Министерството за внатрешни работи ги постави пред себе: професионализација, департизација и декриминализација. Според нивната тежина, тоа беа најважните суштински прашања со цел да се врати чувството на безбедност и сигурност кај граѓаните и, секако, довербата во институцијата.
Горд сум на реформите што ги направивме. Горд сум и на резултатите на полицијата. Нејзината ефикасност во сите области на безбедноста од година во година бележи напредок, што беше потврден и во годинешниот Извештај за напредок на ЕК, особено во имплементацијата на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, во борбата против трговијата со дрога, во донесувањето стратешки документи од областа на граничното управување и миграцијата, напредок и во унапредувањето на капацитетот за финансиски истраги, како и во меѓународната полициска соработка.
Континуираниот напредок на државата според Глобалниот индекс на мир колку што е резултат на спроведувањето на поставените приоритети на ова раководство, подеднакво е заслуга на на вработените во институцијата која претставува гарант на безбедноста и сигурноста, но и на вас, граѓаните. Без вашата поддршка, без партнерството кое го воспоставивме со вас, резултатите немаше да бидат ни толку брзи и евидентни, ниту континуирани.
Денес полицијата е во служба на граѓаните, МВР е една од најтранспарентните институции со најголема доверба врз релевантни истражувања. Како земја членка на НАТО, земја која ги почна преговорите со Европската Унија, промотор за мирот и стабилноста во регионот, но и чувар на просперитетот и сигурноста на граѓаните, наша обврска е да продолжиме да ја унапредуваме полицијата, бидејќи безбедноста е основа за функционирање и просперирање на секоја демократска држава.