Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари протоколарна средба со новата Амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин. На средбата се разговараше за поддршката на Кралството Шведска и Амбасадата која што ја дава на Република Северна Македонија со акцент на влезот на државата во Европската Унија. Како теми на разговор беа и родовата еднаквост како и зајакнувањето на капацитетите на жените со цел нивно полесно и поголемо вклучување на пазарот на трудот.
„Ви благодарам за вашата поддршка која што ја покажавте кога се работи за прашањето за влез на Република Северна Македонија во Европската Унија. Како држава сме спремни да ги преземеме сите чекори за да обезбедиме подобар стандард на живот на нашите граѓани, кој е гарантиран со влезот во ЕУ“ рече Тренчевска.
Амбасадорката посочи дека од особена важност за државата e родовата еднаквост и овозможувањето на сите жени да се вклучат на пазарот на трудот. Таа истакна дека тоа особено влијае на зајакнувањето на економијата.
„Како Влада се залагаме во зголемување на капацитетите на градинките особено во руралните средини преку програмата за Рамномерен Регионален Развој и на тој начин директно влијаеме на зголемувањето на можностите на жените за активна вклученост на пазарот на трудот во сите региони од државата. За нас од особена важност е да обезбедиме секоја жена да биде економски и материјално независна “ изјави Тренчевска.
Министерката посочи дека со новите измени на Законот за работни односи ќе има измени во делот на породилното отсуство со што подеднакво ќе се овозможи и на мажите и на жените отсуство од работа со користење на можноста за мајчинско, татковско и родителско отсуство.
На крајот од средбата присутните ја истакнаа важноста од досегашната соработка и посочија дека истата продолжува поинтензивно во следниот период, посебно за време на претседателствувањето на Република Шведска со Европската Унија.