Трета година предлагаме буџет во време на криза. Буџет за справување со кризата и предвидени 250 милиони евра, буџет за развој со капитални инвестиции од 795 милиони евра, а при тоа се прави фискална консолидација.
Ова го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на Топ тема, кој потенцира дека она што го карактеризира овој буџет е продолжување на трендот на фискална консолидација, што значи фискална одржлива финансиска рамка што дава јасен сигнал на инвеститорите дека и покрај кризата се оди кон стабилизирање на билансот на јавните финансии, односно тоа е буџетски дефицит и јавен долг.
„Со овој буџет ако гледаме номинално остануваме на исто ниво на буџетски дефицит од 695 милиони евра како и во 2022 година, но процентуално во однос на БДП ако тоа значи 5,3% оваа година, за наредната година тоа претставува намалување на дефицитот како процент од БДП на 4,6%. Во 2020 година за споредба беше 8,1% од БДП, потоа во 2021 година проекцијата беше 6,1%, а остваривме 5,5% буџетски дефицит и во 2022 година планиравме консолидација на 4,3%, но поради поголемиот ефект од енергетската криза со ребалансот проектиравме 5,3% буџетски дефицит од БДП“, појасни министерот.
Тој додаде дека треба да се има предвид дека и покрај глобалната криза која е од големи размери ние правиме фискална консолидација.
„Мојата должност како министер за финансии е да предложам буџет што од макрофинансиски аспект и фискално кажано е одржлив на среден рок. И во време на криза ние одиме со фискална консолидација. Не се троши по други позиции повеќе од она што се приходи, за да не создадеме непотребни поголеми задолжувања. При тоа имаме поамбициозна динамика за капиталните расходи во буџетот“, потенцира министерот и додаде дека е клучно што капиталните расходи се проектирани над нивото од дефицитот и дека со буџетот се воспоставуваат и механизми и индикатори за нивна поголема реализација.
Министерот потенцира дека буџетот за 2023 година е прв буџет кој се предлага согласно новиот Закон за буџети, во кој се предлагаат фискални правила, кои меѓу другото се однесуваат и на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг.
Како што рече јавниот долг поради кризата и справувањето со ефектите од таа криза забележа раст во 2020 година за 10 % и достигна ниво од 61%, но дека во периодот после тоа, преку политиките што се спроведуваат, тој се намали и сега е на ниво од 55,7 % од БДП.
Дополнителни мерки за фискална консолидација, е и планот за штедење од страна на сите институции, односно освен предвидените повеќе средства за електрична енергија, другите ставки во буџетот за наредната година како дневници и патни трошоци, мебел, возила и слично се намалени.
Со буџетот за 2023 година, министерот рече, дека е инкорпориран пораст на минималната плата што ќе следи согласно утврдената методологија и потенцира дека нема да има намалување на плати во јавната администрација, туку дека се подготвува нова методологија за усогласување на сите плати со минималната, за што треба да завршат преговорите и да се направат законски измени.
Во интервјуто најави дека наскоро ќе биде соопштено и конечното решение во однос на почнатиот процес на даночна реформа. При тоа потенцира дека решението што ќе се понуди нема да оди на штета на економијата и оти се тежнее кон обезбедување фер оданочување и даночен систем што ќе поддржи економски раст.