23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Севкупното поетско творештво на првата современа македонска поетеса објавено на словенечки – влог во достојното чествување 60 години македонистика во Љубљана

Во годината кога се навршуваат 60 години македонистика на Универзитетот во Љубљана, севкупното поетско творештво на првата современа македонска поетеса, Даница Ручигај, деновиве е објавено во препев на словенечки јазик. Објавувањето на изданието „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ (Srebrne nočne igre in Ujetniki vetra“) со воопшто прв препев на севкупната поезија на Ручигај, претставува значен влог во достојното чествување на исклучително значајниот јубилеј. Ова издание е и уште една конкретна потврда за перспективите на развојот на македонстиката во Словенија во кои постојано се вложува во соработката меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) и Универзитетот во Љубљана со остварувањето на мисијата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ).

Конкретно, авторка на препевот и на поговорот на изданието е младата словенечка македонистика и славистика, учесничка на школите на МСМЈЛК при УКИМ, Маја Ковач, а како издавач, зад овој проект застана Културно-уметничкото друштво „Полица Дубова“. Потфатот на Ковач укажува дека влогот во новите генерации странски македонисти кој МСМЈЛК при УКИМ го остварува изминатите години, особено преку своите школи, веќе дава видливи резултати значајни не само за присуството на македонистиката на странските универзитети, туку и за афирмацијата на македонските книжевни и воопшто културни вредности во странските културни средини, пред поширокиот аудиториум.

„За успешна преведувачка дејност, неопходно е суштинско разбирање на книжевниот текст, а со тоа и на јазикот на којшто тој е напишан. Во овој поглед, од големо значење е МСМЈЛК при УКИМ! Благодарение на соработката на МСМЈЛК при УКИМ со странските универзитети, вклучително и со љубљанскиот, имав можност да учествувам на две летни и една зимска школа. Организацијата на школите на МСМЈЛК при УКИМ со врвни експерти што држат предавања и лекторска настава за слависти е беспрекорна! Токму програмата на школите на МСМЈЛК при УКИМ и бројните добро осмислени активности, но и самото престојување заедно со професори, лектори и колеги што срдечно ја пренесуваат страста кон македонистиката и на другите, ми овозможи да го усовршам македонскиот јазик.“ – истакнува меѓу другото Маја Ковач, по објавувањето на изданието со поезијата на Ручигај, укажувајќи на придонесот на МСМЈЛК при УКИМ за нејзината подготвенот за остварувањето на овој потфат.

Ковач и укажува дека со објавувањето на овој превод, Даница Ручигај за првпат вистински влегува во словенечка културна средина.

„Освен ова, книгата создава и нов мост меѓу двете култури – македонската и словенечката, а воедно обновува и пошироки семејни врски во симболична смисла, бидејќи поетесата Ручигај има и словенечко потекло. Токму грижата за книжевниот дијалог меѓу две култури преку една значајна фигура го поттикна овој превод, бидејќи врските се очигледни од самите биографски податоци и жално е клучна личност за македонската поезија да не биде препознаена и во Словенија, татковината на нејзиниот татко. Ова издание овозможува читателите сами да го доживеат модернизмот на младата поетеса од 60-тите години на минатиот век, бидејќи при препејувањето се обидував да ги зачувам сите специфики на поетскиот израз, а ги има многу. Целта ми беше пред сѐ, препевот да звучи автентично и да предизвикува исти впечатоци како оригиналот.“ – напоменува Ковач.

Објавувањето на ова значајно издание го поздрави и професорката по македонистика на Универзитетот во Љубљана, д-р Намита Субиото, која постојано го следеше остварувањето на овој проект. Под нејзино менторство, во 2020 година, Маја Ковач и дипломираше со труд посветен на поетскиот опус на Даница Ручигај.

„Многу се радувам што токму во годината кога се навршуваат 60 години македонистика на Универзитетот во Љубљана, во Словенија конечно се појавуваат и собраните песни на македонската поетеса Даница Ручигај, чиј татко бил Словенец.“ – нагласува Субиото, притоа посочувајќи и на важноста на учеството на иницијаторката на афирмацијата на поезијата на Ручигај во словенечниот културен простор, Ковач, на школите на МСМЈЛК при УКИМ.

Според Субиото, овој препев на севкупната поезија на Ручигај е исклучителен – прецизен, интуитивен, со одлично обмислени решенија и на најтешките места, и со јазичната патина на модернизмот на шеесеттите години од минатиот век. „Ретро, а свежо и возбудливо“ – констатира професорката од Филозофскиот факултет во Љубљана.

Ваквите нејзини оцени и дополнително укажуваат на значајноста на објавеното издание за афирмацијата на македонската литература и култура, затоа што од квалитетот на книжевниот превод и зависи колку книжевните и културни вредности ќе бидат претставени во вистинско светло.

МСМЈЛК при УКИМ, објавувањето на поетскиот опус на Даница Ручигај во препев на словенечки јазик го дочека со вреднување на неговото значење за македонската културна афирмација во годината кога се одбележуваат шест децении македонистика во Универзитетот во Љубљана и со гордост што ваквиот проект го оствари семинаристка на школите на Семинарот.

„Кога на Денот на македонскиот јазик, во мај оваа година, и со виртуелна централна свеченост го одбележавме јубилејот 60 години македонистика во Љубљана, во завршницата на честитката од МСМЈЛК при УКИМ до љубљанскиот Филозофски факултет изразивме уверување ’дека ќе се зголемуваат и преводите на македонската литература на словенечки јазик’. Неизмерно многу ни е драго што близу шест месеци потоа се случува оваа значајна објава во Словенија. Тогаш, нашите словенечки колеги испратија јасна порака дека поддршката и вложувањата во афирмацијата и изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура во Љубљана продолжуваат преку новите генерации словенечки македонисти, вклучително и преку нови книжевни преводи. Денес, објавувањето на ова издание на поезијата на Даница Ручигај е и потврда за искреноста и вистинитоста на таа порака – кажаното се остварува и со конкретно важно дело на млад словенечки македонист.“ – истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа, од името на МСМЈЛК при УКИМ упати и честитка до преведувачката и авторката на поговорот на изданието, Маја Ковач, но и честитка и благодарност воопшто до словенечките колеги кои се посветени на македонскиот јазик, литература и култура, особено до проф. д-р Намита Субиото, која веќе две децении ја води љубљанската македонистика.

„Иако нејзиниот живот завршува прерано во катастрофалниот скопски земјотрес, со својата појава во македонскиот книжевен простор, Даница Ручигај трасира пат за македонскиот женски поетски глас. А ова прво издание на нејзиното севкупно поетско творештво во препев на словенечки јазик трасира пат и за нови значајни активности посветени на македонистиката во Словенија, вклучително и со веќе закажаниот симпозиум во Љубљана, во мај следната година. Посакуваме и убедени сме дека наскоро ќе се случат нови остварувања и од другите книжевни преведувачи кои во изминатиот период се истакнаа со своите преводи на книжевни дела од македонски на словенечки јазик: Соња Должан, Соња Цекова-Стојаноска, Лара Миховиловиќ, Тимотеј Сенчар, Сашо Пуљаревиќ… Но и преводи од некои од најновите словенечки македонисти! А ние и натаму ќе бидеме посветени преку нашите школи, но и во постојаната комуникација со колегите словенечки македонисти и слависти да го овозможиме сето она што знаеме и умееме за македонистиката да биде трајна определба на сегашните и идните нејзини посветеници во Словенија.“ – напоменува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Преведувачката Маја Ковач, по објавувањето на изданието и посочува дека стиховите на Ручигај за првпат ги слушнала со прочит на Аленка Арбитер, гимназиска професорка по словенечки јазик и роднина на Ручигај. Напоменува дека уште тогаш, таа поезија ја воодушевила со нејзината проникливост.

„Потоа започнав да студирам словенечки јазик и литература на Универзитетот во Љубљана и меѓу другото, како изборен предмет слушав предавања по македонска литература кај проф. д-р Намита Субиото, што доведе до мојата одлука да го учам македонскиот јазик. Со учење почнав во рамките на Факултетот, а знаењета ги надоградував со активности што најчесто ги иницираше проф. д-р Субиото, при што извонредно важни беа летните школи на МСМЈЛК при УКИМ во Охрид.“ – нагласува Ковач.

Професорката Намита Субиото пак, покрај афирмативните зборови за објавеното издание во препев на Ковач, која во моментов е и магистрантка по јужнословенски студии, посочува и дека со поезијата на Даница Ручигај, во изминатиот период, научно и стручно се знимавале и уште две студентки македонистки од Филозофскиот факултет во Љубљана, учеснички на школите на МСМЈЛК при УКИМ – Винсент Вилчник, во нејзиниот дипломски труд „Женскиот глас во македонската поезија“ и Лара Миховиловиќ, која има препеано неколку песни на Ручигај за реномираното поетско списание „Поетикон“, а пред неколку месеци го објави и својот препев на двојна поетска збирка на Славе Ѓорѓо Димоски.

Ова и уште еднаш укажува и обврзува дека МСМЈЛК при УКИМ, во рамките на своите школи треба да продолжи со посветеноста и на активностите кои се однесуваат на македонската литература и на книжевниот превод, делувајќи поттикнувачки и за новите генерации странски посветеници на македонистиката.

Инаку, препевот на Ковач е работен според изданието „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“ што го приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ во 2003 година, по повод 40-годишнината од смртта на Ручигај.

Словенечкиот препев на севкупното поетско творештво на Ручигај е веќе достапен за словенечката читателска публика, а една од неговите промоции се планира и во рамките на активностите на МСМЈЛК при УКИМ.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура
при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје