Нема одам јас, ниту владина делегација, ниту делегација на СДСМ. Мислам дека имаме зацртано пат за отворање на официјален културен центар во Благоевград и ќе го тераме тој институционален пат и тогаш кога ќе се отвори тој клуб, ќе бидеме сите таму. Ова во недела е приватна иницијатива, секој има право, не е никаков проблем, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во емисијата „Студио 10 на тв 24“.
Тој појасни дека се уште немаат информација кој стои позади иницијативата во Благоевград и кој е нејзината цел.
-Сметам дека е подобро преку институциите да ги водиме работите. Ние веќе имаме официјален центар во Софија и да направиме таков во Благоевград. Вчера излегоа некои информации и доколку е истата иницијатива, да не забораваме дека таа беше структура која што беше жестоко против референдумот во 2018 и против Преспанскиот договор. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но не сме ние должни да присуствуваме на секоја иницијатива. Вапцаров е ценет уметник и книжевник и не може да се спореди со цар Борис или Ванчо Михајлов, рече Маричиќ околу организаторите на отворањето на македонскиот клуб во Бугарија.
Тој додаде дека никогаш не молчеле, испратиле реакција до бугарската владаза говорите на Џамбаски.
-Јас имав и дискусија директно со него во ЕП на мешовитиот парламент, меѓутоа треба секогаш да ја гледаме и целта. Која е нашата цел? Ако е нашата цел да се испочитува она што е договорено, ние да го зацврстиме нашиот идентитет, наместо да одговараме на секоја политичка провокација, во Бугарија имаше 4 изборни циклуси за 1,5 година, имаше доволно простор за отворање на оваа тема во предизборен контекст, рече вицепремиерот за европски прашања.