27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Петровска и Пич на „Криволак“: Заедно сме посилни, придобивките од членството во НАТО се сè повидливи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуард Пич и британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, денеска на армискиот полигон „Криволак“ извршија примопредавање на донација од Обединетото Кралство која се состои од 14 комплексни мобилни единици за обука на армиските припадници во урбана средина, со вкупна вредност од 400.000 британски фунти, со што сериозно се зголемува капацитетот на полигонот за извежување и обука.

„Британската донација од 14 комплексни мобилни едници кои ќе служат за обука на припадниците на нашата, македонска Армија, е значаен придонес во тоа што значи доопремување и развој на армискиот полигон ‘Криволак’. Изминатиов период сите ние имавме можност да го видиме ‘Криволак’ во различни изданија, односно при спроведување на различни видови вежбовни активности, меѓу кои и најголемата вежба која досега се одржа, ‘Swift Response’, и тоа е уште еден доказ и показател дека секоја инвестиција во овој полигон вреди“, рече министерката.

Петровска додаде дека Обединетото Кралство останува наш значаен партнер и клучен сојузник и дека Република Северна Македонија, а особено Армијата секогаш може да смета на нивната поддршка, не само со донации кои ги зголемуваат капацитетите, туку и преку развој на човечките ресурси, внатре во Армијата.

„Заедно сме посилни, тоа не е само флоскула, тоа е уште еден доказ дека НАТО придобивките за Република Северна Македонија се сè повеќе видливи“, истакна министерката.

Сер Пич порача дека Обединетото Кралство имаат многу важно билатерално партнерство со македонските вооружени сили и дека Алијансата е сериозна кога станува збор за одбраната, и сериозна во развојот на партнерствата. Тој истакна дека НАТО е одбранбена Алијанса на 30 суверени земји која е подготвена да одврати и ако е потребно, да одбрани.

Министерката Петровска и сер Стјуард Пич на „Криволак“ имаа и одвоена средба на која разговараа за одбранбената соработка помеѓу двете земји, како и за начините како оваа соработка ќе се развива во иднина.

Обединетото Кралство е една од земјите со кои Северна Македонија има најсеопфатна билатерална соработка во областа на одбраната. Соработката се реализира во областа на одбранбената политика, воената обука и едукација, соработката во мировните операции заедничките обуки, јазичната обука и советодавната помош за спроведување на реформи, за оперативна трансформација на Министерството и Армијата и за зајакнување на капацитетите на Лесната пешадиска баталјонска група, нашата НАТО единица.