12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАСТАВИЗБОР

Васко жабата

Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

Ако сакаме да ги дефинираме бугарските односи со соседите на Балканот, тие во овој момент се на ниво на „Васко жабата“.

Речиси да нема човек што не си го потпевнува или не му се врти во главата рефренот на оваа песна додека работи, додека спие, оди по нужда и сл. Но, не од што е убава, туку од што е глупава. Таа е толку едноставна и здодевна што станува заразна и ти се пика во мозокот како црв. И само врти.

Таква е и бугарската политика првенствено кон Македонија, здодевна, но и иритантна кога се во прашање и останатите земји на Балканот, пред се Србија па и Албанија.

Ваквиот провокативен однос кон историјата на другите народи, присвојувањето на територии исцртани на мапи на поедини политичари, уцените од позиција на членка на ЕУ, создадоа контра ефект кај граѓаните во сосесдвото на Бугарија и тие почнаа да се мајтапат со сè што е бугарско.

Така што, може да се каже дека „Васко жабата“ е парадигма за феноменологијата на духот на Бугарите во овој момент.

Таа не е „културен феномен“ на Балканот, како што сметаа Бугарите, таа станува хит кај нас на овие простори осум години подоцна, откао нашите сограѓани ја ископаа како мајтап-реакција на експанзијата на бугарштината.

Оваа песна, ако не се лажам, ја „промовираа“ духовитите соседите од Србија кои како реакција на бугарските провокации за себугарско во историјата на Балканот, формираа група на социјалните мрежи со наслов „хајде да се сви претварамо да смо Бугари“. И таму има сè и сешто на сметка на Бугарите. Дали е тоа говор на омраза не знам, но засега Бугаската страна не се огласила со нота против Србија.

Таа е преокупирана со „втората“ бугарска држава, Македонија, и диоптерот и е насочен тука. Затоа и ние сме малку по осетливи од Србите па не ни е толку до „заебанција“.

Но тука ни е грешката. Наместо да ги игнорираме, ние паѓаме во транс на секоја провокација што доаѓа од секој Бугарин што ќе каже нешто против нас.

Да не се македонските медиуми, Ангел Џамбаски не би ни постоел. Тој всушност и сега е човек кој нема своја политичка татковина. Неговата партија ВМРО не успеа да собере ниту минимум гласови за да влезе во Парламентот. По завршувањето на мандатот како Европратеник, Џамбаски ќе може да се збогува со политиката и повторно да се врати да продава весници и пици како што тоа го работел пред да влезе во политиката.

Но, сè додека има бесплатен медиумски простор во Македонија, што му е отворен за да исфрла повраќаници кон Македонците, тој ќе живее само тука. Него ни во Бугарија не го играат. Во трката за градоначалник на Софија не успеа да собере ни 4 проценти од гласовите.

Но затоа пак македонската опозиција комотно „се вози“ на неговите изјави, за да создава страв од бугаризација на нацијата со Договорот за добрососедство со Бугарија и последователно, со Францускиот предлог.

Можеби затоа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ молчеа како „заковани“ на столчињата во Стразбур на 20-ти Мешовит парламентарен комитет – Македонија и ЕУ, кога Џамбаски и Јорданов го навредуваа македонскиот јазик и култура.

„Патриотски“ се криеја во клупите, па „предавниците“ од власта мораа да ја бранат честа на македонштината.

Наместо сега да се сплотат политичките сили и да ја стават Македонија, како што вели Мицковски „на брза лента“, ние секој ден го тупиме со тоа што рекол денеска Џамбаски, утре некој друг, со тоа дали „А бре Македонче“ се пее со „клетите душмани“ или „денешните тирани“.

Алоо, ќе нема струја, ќе биде ладно, бензинот скап, млекото во недостиг, а ние се зае*аваме со споредни работи.

Ајде што поскоро да влеземе во ЕУ за да лапнеме и ние некоја милијарда евра, како што „кркаат“ Бугарите секоја година, за сè нешто.

Ако не, ќе си ја пееме и натаму „Васко жабата“ и ќе се нервираме со глупости.

извор: Frontline.mk