На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со својот хомолог од Република Бугарија, Николај Милков. Ова е нивна прва средба по назначувањето на министерот Милков на функцијата во август оваа година.
Во фокусот на разговорот беше исполнувањето на заедничките обврски од договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и остварената соработка во рамките на процесот на унапредување на односите меѓу двете држави.
Притоа министерот Османи го информира министерот Милков за досега реализираните обврски од наша страна со цел имплементација на одредбите од договорот. Меѓу другото, го издвои ангажманот на меѓуресорската работна група за политичка координација на спроведувањето на мерките од протоколот од вториот состанок, со која координира министерот за надворешни работи, како и првите состаноци на тематските подгрупи.
На средбата беа разгледани и многуте провокации од групи и поединци во двете земји, кои изминатиов период засилено доминираа во јавниот дискурс. Министрите посочија дека двете министерства ќе работат активно на зајакнување на добрососедските односи како заемен интерес на двете земји и нема да дозволат провокациите да го нарушат овој процес.
Заемно беше нагласено дека продолжувањето на дијалогот преку средби, како и преку реализирање на конкретните проекти, се единствениот пат што ќе доведе до промена на контекстот во кој дејствуваме и се влог во создавањето блиски и пријателски односи меѓу двете држави и граѓани.
Се разговараше и за регионалната соработка во контекст на европската перспектива на земјите од Западен Балкан како најдобра гаранција во соочувањето со политичките, безбедносните и економските предизвици врз својот развој.