20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи – Бербок: Создаваме политичко партнерство, кое е во интерес на двете земји, на регионот и на Европа

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Берлин се сретна со сојузниот министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.

На средбата двајцата хомолози изразија задоволство од високото ниво на политички дијалог и партнерските односи што Северна Македонија и Германија ги воспоставија во изминатите 30 години дипломатски односи. Соработката и партнерството меѓу нашите две земји ги карактеризира три децении поддршка, соработка и градење мостови меѓу нашите држави и народи.

„Особено го цениме фактот што Германија е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, особено кога се работи за прашањата за нашето политичко интегрирање во европските и евро-атлантските организации. Северна Македонија останува кредибилен партнер во регионот и од аспект на НАТО-присуството на Балканот како земја членка и од аспект на заштитник и промотор на европскиот кредибилитет во регионот“, истакна Османи.

Министерот Османи изрази благодарност за силниот интерес на Германија и канцеларот Шолц да го ревитализира Берлинскиот процес како значајна алатка, која ги поддржува евроинтегративните процеси на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан со цел нивно побрзо приклучување кон Унијата, но и за заедничко адресирање на актуелните предизвици со кои се соочува европскиот континент.

Министерката Бербок потврди дека поддршката од Германија за европското досие на Северна Македонија ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо изразувајќи задоволство од историскиот исчекор што го постигна Северна Македонија за почнување на пристапните преговори годинава.

Безбедносните прашања, руската инвазија врз Украина и последиците со кои европските земји се соочуваат исто така беа предмет на разговор меѓу двајцата министри, кои ја истакнаа важноста на НАТО за зачувување на европската и светска безбедност. Во овој контекст министерката Бербок упати благодарност потенцирајќи ја улогата на Северна Македонија како одговорен и кредибилен партнер на Европската Унија во одговор на кризата и 100 % усогласеност со санкциите на ЕУ кон Русија.

На средбата се дискутира и за претстојното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година и можностите за идна соработка во овој контекст.