20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Владата ја продава енергетската сувереност на Македонија за кредит од 100 милиони евра

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на Кочани се осврна на тоа како Владата за кредит од 100 милиони евра ги турка кон бездна двата стожера на македонската енергетска сувереност, РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, со што илјадници граѓани би останале на улица, а таквата погрешна енергетска политика директно би се одразила и на политичката сувереност на Македонија.

„Мислам дека Владата оди чекор понапред, односно ги турка директно во бездна, сака да ги затвори РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’, двата стожера на македонската енергетска сувереност, а со тоа и сувереноста во политичка смисла на државата земајќи кредит од 100 милиони евра. Толку приближно тие ја процениле сувереноста на Македонија за да не ве чуди после зошто потпишуваат овие луѓе вакви договори какви што потпишуваат. Тие државноста на Македонија ја проценуваат приближно за 100 милиони и толку ним им значи Македонија. Потпишувајќи го овој кредит, тие се обврзале до крајот на 2023 година да го затворат ‘Осломеј’, а на крајот на 2027 година да го затворат и РЕК ‘Битола’, со што директно 4 илјади луѓе ќе остават на улица, а уште најмалку 40-ина илјади луѓе, кои соработуваат со АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, ќе трпат навистина сериозни загуби во тековното работење, луѓе што работеле на ремонтни активности, доставувачи итн., така што тој е погрешен пристап во енергетската политика, која директно ја афектира и политичката сувереност на Македонија, истакна Мицкоски.

Тој исто така додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на ваквиот погрешен чекор на Владата и дека наместо затворање на овие производствени комбинати, треба да се изнајде начин за нивна модернизација.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе се бориме со сите сили што ги имаме во рамките на парламентот за ова да не се случи, туку, напротив, да најдеме сили и средства да ги модернизираме овие два производни комбината и да се вратат на оние патеки што беа пред 7-8 години кога произведуваа рекордни количини електрична енергија“, потенцира Мицкоски и додаде:

„Јас најодговорно тврдам дека доколку овие два производни капацитета работат онака како што треба, доколку се води сметка и правилно се менаџира водниот потенцијал во хидроелектраните, Македонија денеска немаше да увезува електрична енергија, односно ќе извезуваше. Но, за жал, овие 5 години се случува економско енергетско и политичко цунами, на кое, за среќа, набргу ќе му дојде крајот, а по крајот, доаѓа и одговорност“.