24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(ФОТО) Ковачевски на насловните страници на весниците и ударните вести на ТВ во Абу Даби

Насловните страници на највлијателните медиуми во Обединетите Арапски Емирати, како и значителен дел од ударните вести на телевизиските станици во Абу Даби, синоќа беа преплавени со веста за посетата на премиерот Димитар Ковачевски. Ова силно медиумско внимание на посетата на премиерот во Абу Даби се должи на продуктивните средби што беа остварени со македонската делегација а претставуваат позитивен сигнал за идните инвестициски можности и економски бенефит од соработката меѓу државите.

Новинарите во прашањата кон Ковачевски покажале интерес за информации кои се однесуваат на нашата економија, туризам, земјоделските капацитети и културата акцентирајќи ја потребата од меѓусебната соработка.

При посетата на Абу Даби, Ковачевски се сретна со Џамал Саиф Ал Џарван, генерален секретар на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати.

Советот има главна улога за упатување и информирање на компаниите од ОАЕ каде да инвестираат и да го вложат својот капитал.

На состанокот на кој присуствуваа и министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски беа презентирани инвестициските можности и фокус секторите кои имаат потенцијал да привлечат свеж капитал.

Фокусот на инвестиции на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати се телекомуникациите, развој на недвижности, туризам, обновливи извори, инфраструктура, здравство како и храна и прехранбена индустрија.

Ковачевски истакна дека она што е многу значајно во доменот на енергетиката во иднина за Северна Македонија, како и за земјите од регионот е диверзификација на изворите на снабдување со енергенси, и за таа цел се реализираат проекти кои на среден и долг рок ќе ја намалат зависноста и снабдувањето со енергенси од еден извор.

Беа разгледани начините и методите за искористување на сите можни потенцијали за унапредување и зголемување на трговската размена, која ќе придонесе за зголемување на економскиот раст.