Centar.mk
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Вицегувернерката Митреска на „Ерсте инвеститорскиот појадок“: Централната банка со соодветен одговор во услови на продолжена криза

“Насоката во која ќе се движат монетарните политики на централните банки во претстојниот период е јасна. Но треба да се има предвид и дека динамиката на затегнувањето на основната камата зависи од спецификата на самата економија. Пред централните банки се поставуваат предизвици да дејствуваат во насока на справување со инфлацијата и закотвување на инфлациските очекувања, додека истовремено треба да внимаваат и на ограничување на негативните ефекти врз економијата и врз финансиската стабилност. Во време на висока неизвесност, шокови предизвикани од понудата и загрижувачки економски изгледи, се претпочита постепен пристап и носење на одлуки, засновани на податоци“. Ова го посочи во своето обраќање вицегувернерката Ана Митреска, на овогодинешниот „Ерсте инвеститорски појадок“ на банкарите и инвеститорите.

Митреска истакна дека централните банки се справуваат со специфични околности. Ценовните притисоци доаѓаат доминантно од страната на понудата, додека ризиците за економско закрепнување се сериозни. Сепак, инфлацијата трае подолго време и има се поширок опфат, што ги поттикна речиси сите централни банки да започнат со затегнување на монетарната политика.

Зборувајќи за нашата економија Митреска посочи дека нестабилното опкружување и енергетската криза создадоа притисоци и врз инфлацијата но и на девизниот пазар. Во такви околности, од крајот на 2021 година, Народната банка почна со нормализирање на монетарната политика преку повлекување ликвидноста со девизни интервенции. Од април, нашата централна банка започна и со постепено зголемување на основната камата. Преку нагорни корекции во неколку наврати, основната камата е покачена кумулативно за 2,25 процентни поени. Затегнувањето на основната камата беше дополнето и со мерки за промени во системот на задолжителна резерва, во насока на поттикнување на денаризацијата, како и инвестиции во обновливи извори на енергија.

Во однос на финансиската стабилност, таа посочи дека истата е зачувана, и покрај неизвесноста која ја донесе кризата и ризиците за прелевање на проблемите од реалниот во финансискиот сектор. Банкарскиот сектор е стабилен, нефункционалните кредити се на ниско ниво и опаѓаат. Солвентноста, која е главен показател за способноста на банките да абсорбират шокови, останува и понатаму висока. Стрес-тестовите за 2022 и 2023 година ја потврдуваат севкупната отпорност на банкарскиот систем на макроекономски шокови. Сепак, потребна е претпазливост и будно следење на состојбите.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА! Ограничување на литража при купување на гориво во бензински во Словенија

ДЕСК

Вечерва нов драстичен раст на цените на нафтата

ДЕСК

Рудник САСА ја започна еко кампањата „Твојата грижа за планетата вреди х2“

ДЕСК