Советот на ЕУ денеска ја усвои одлуката за потпишување на договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Северна Македонија. Договорот за гранично управување, инаку познат како Фронтекс, беше блокиран од страна на Бугарија поради употребата на зборовите македонски јазик. Софија денеска дефинитивно го крена ветото, оставајќи ја формулата македонски јазик недопрена, како што е случај за сите други земји од регионот кои имаат договор со агенцијата Фронтекс. Договорот сега треба да биде одобрен од страна на Европскиот парламент.
Чешкиот министер за внатрешни работи, Вит Ракушан, ја поздрави одлуката на Советот, истакнувајќи дека ЕУ и Западен Балкан се соочуваат со заеднички миграциски предизвици и единствен начин да се решат е преку заедничко делување.
„Договорот со Северна Македонија е важен чекор во оваа блиска соработка. Тој ќе му овозможи на Фронтекс да пружа конкретна поддршка на терен, во корист и на Северна Македонија и на ЕУ“, изјави тој.
Европскиот парламент треба во најбрз можен рок да даде зелено светло за да може и официјално Скопје и Брисел да го потпишат договорот на 20 октомври.
Откако ќе стапи на сила Фронтекс ќе може да биде повеќе инволвиран во управувањето со границите во Северна Македонија во однос на миграциските текови и борбата против „илегалната миграција“. ЕУ смета дека зајакнувањето на контролите на македонските граници ќе помогне да се подобри безбедноста на границите на ЕУ.
По бројни скандали за нарушување на човековите права на барателите на азил од страна на агентите на Фронтекс, Агенцијата вклучи нови одредби кои имаат за цел да се засили заштитата на темелните права и да се зајакне надзорот врз работата на Агенцијата на границите.