27.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Митева: ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка до ДКСК за именување двојна функција во Град Скопје

Пред една недела јавно објавивме дека директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Марјан Митовски, во исто време е и член на Управниот одбор на ЈП „Улици и патишта“, но до денес немаме постапување од страна на градоначалничката Арсовска, со што се дозволува кршење на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите. Фактичката состојба е дека Данела Арсовска како градоначалник на град Скопје го назначила Митовски на две позиции, изјави на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Митева истакна дека Марјан Митовски во моментот на назначување на позицијата вршител на должност – директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје паралелно е носител и на друга функција, член на Управниот одбор на Јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје и со тоа директно се прекршува членот 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, според кој е регулирана забрана за вршење други дејности и во кој изречно е наведено дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функцијата што ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.

Воедно, Митовски не смеел да биде назначен за директор на ЈП „Водовод и канализација“ сè додека е член на УО на друго јавно претпријатие на Град Скопје.

Како што истакна Митева, според став 4 од членот 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, јасно е наведено дека избрано или именувано лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување или надзорен орган во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице, кое располага со државен капитал.

Во однос на горенаведеното, оваа претставка до ДКСК ја доставуваме со цел правилна примена на законите и со тоа ја повикуваме институцијата да постапи по овој случај, со што и на дело ќе се покаже дека заложбата на функционерите е да бидат во еднаква служба кон сите носители на јавни функции, изјави Митева.