Младите сакаат изборен модел кој ќе ги рефлектира нивните потреби и интереси и ќе ги мотивира да излезат на гласање, како и да гласаат за кандидат чиј успех ќе се мери според сработеното. Сите учесници на дебатата на тема „Каков изборен модел ни треба за посилна демократија?“ се согласни дека се потребни реформи согласно потребите на општеството и по мерка на граѓаните. На дебатата во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Клубот за младински прашања која се одржа во Собранието учествуваа младите пратеници Моника Зајкова од ЛДП и Јован Јаулески и Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ, а со свои предлози и идеи во дебатата се вклучија и повеќе од 35 млади алумнисти од НДИ, ИРИ, ИФЕС, Младински европски амбасадори, како и младински активисти на Евроатлантскиот совет, Младинскиот сојуз, Сојузот на средношколци и ИДУЕП.
Моника Зајкова, координаторката на Клубот младински прашања и политики во Собрание на РСМ од ЛДП која е еден од поборниците за изборни промени и модел на една изборна единица смета дека ваквите дебати, особено со млади се важни во поттикнување на промени.
„Како политичари сме учествувале во многу вакви дебати, но тоа се наши идеолошки, политички размислувања. Нас ни значи мислењето и на младите и важно е заедно да дебатираме, бидејќи промената на изборниот модел многу ќе влијае на тоа какво Собрание ќе имаме. Дали ќе биде разнолик и ќе бидат претставени интересите на различни групи или ќе останеме во место,“ рече Зајкова. Таа смета дека со оваа реформа ќе им се даде шанса и на помалите партии и нема да се губат и по 50 илјади гласови како сега. Зајкова нагласи и дека сите предлози и заклучоци од денешната дебата ќе бидат понатаму дискутирани во Клубот на млади пратеници и преточени во конкретни предлози.
И пратениците од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Стојановски и Јован Јаулески сметаат дека е зрело време за промени на изборниот модел.
„Актуелниот изборен модел им дава повеќе шанса на големите партии што е негативно и треба да се менуваат согласно потребите на општеството. Навистина е зрел моментот за да започне дебатата во Собрание дали треба и како треба да се менува изборниот законик. Лично сметам дека треба да не оставаме пратеници да се кријат зад партиите, туку да се цени според мерит системот од гласачите и од средината од која доаѓаат“, смета Стојановски и се залага за намалување на бројот на пратеници како што вели и од “економски причини, но и за да имаме пофункционално собрание“.
Јаулески смета дека ваквите реформи ќе придонесат и кон развој на внатрепартиската демократија и да се зголеми гласот на младите.
“Комбинација на отворени листи со пропорционален модел би довело до тоа оние кои се навистина ценети во средината да бидат избрани и со тоа да не бидат игнорирани од партиското раководство. Ова е можност и ние младите да се наметнеме внатре во партиите и да ни се слушне гласот. Секогаш има аргументи за и против, но овие дебати се корисни како да се подобри политичкиот систем во земјата,“ рече Јаулески.
Бојан Никовски, кој е иницијатор на оваа активност смета дека младите луѓе треба да бидат слушнати, но и вклучени во носењето на одлуки за вакви важни теми.
„Сметам дека дебатата за тоа каков изборен модел ни е потребен е многу важна бидејќи токму од изборниот модел во голема мера зависи каква демократија ќе има една држава. Дали ќе имаме партизирани институции или, пак, дали ќе имаме функционални или нефункционални влади. Младите луѓе се идни, меѓутоа и сегашни креатори на политики и мора да бидеме вклучени во овие процеси.“, рече Никовски. Тој најави дека заедно со ИДУЕП е предвидено организирање на серија на настани на оваа тема со кои ќе се даде простор на младите луѓе слободно да го искажуваат својот личен став и уверување, независно дали тие во моментов се граѓански активисти, дел од политички подмладоци или имаат желба да станат активни чинители во македонското општество.
Ивана Шуменковска се сложува и смета дека ваквиот тип на активности и средби треба да се организираат почесто, а сите заклучоци предложени од младите луѓе е неопходно да бидат земени предвид при градењето на политики од страна на носителите на јавни функции.
Младите алумнисти се согласни дека треба да има реформи во однос на изборниот модел и воведување на политичката култура како и нивото на дебата во Собранието кое е сега на ниско ниво, но имаат различни ставови околу тоа како треба да изгледа изборниот концепт. Сепак најголем број од младите луѓе се залагаат изборниот модел кој ќе биде избран од партиите да им овозможи на гласачите да гласаат за кандидат или кандидатка кои сметаат дека се најдобри, а не првенствено за партија или коалиција како сега.
Иван Дургутов смета дека е потребен поинаков изборен модел отворајќи го прашањето каква демократија и каков модел имаме ако излезноста на изборите во просек е под 50 проценти. На слична линија е и Дениз Селмани според кој на парламентарните избори се „губат“ помеѓу 60 и 90 илјади гласа“, па затоа, според него, изборниот модел на една изборна единица без ограничувачки цензус ќе го надмине во голема мера ваквиот недостаток и ќе придонесе за поголема застапеност на многу поширок број на граѓани.
Арта Селмани, пак, се залага за комбинација на повеќе модели бидејќи смета и принципот на една изборна единица и мнозинскиот модел имаат свои мани и недостатоци, но и придобивки поради што е најдобро да се изнајде баланс меѓу двата модела.
Мнозински изборен модел со апсолутно мнозинство во два изборни круга и предлог а да се намали бројот на пратеници од сегашните 120 на 90 е ставот на Филип Ивановски за нов изборен модел кој би се вовел во земјава. На овој начин, смета тој, ќе се зајакне врската меѓу народните претставници и гласачите, а ќе се овозможи создавање на постабилно владејачко мнозинство со што би се зголемил легитимитетот на пратениците во македонското Собрание.
Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП нагласи дека главна цел на ваквите иницијативи е на инклузивен начин и преку демократска комуникација да се разговара за важни општествени теми, предизвици, но пред сѐ решенија креирани низ перспективата на младите.
„Денес најгорливо прашање е дали ќе има струја или рестрикции или, пак, дали ќе растат цените на производите. Но, како ќе се справиме со тие кризи, дали успешно или не, зависи од тоа какви пратеници, министри и градоначалници ќе избереме да не застапуваат. Затоа е важно каков изборен модел ќе имаме и колку тој ќе влијае врз интензивирање на соработката на политичарите и носители на јавни функции со граѓаните и граѓанките. За жал, многу релевантни истражувања покажуваат дека над 2/3 од младите не сакаат и не се вклучени во никаква политичка активност. Лично сметам дека е тоа така бидејќи не им дава доволно простор. Ваквите дебати се еден чекор кон тоа да се промени и сум благодарен на Клубот на млади пратеници за нивната отвореност за соработка со Институтот, но првенствено за желбата да отстапат простор и ги вклучат младите луѓе во процесите на носење на одлуки“, заклучи Кордалов.
Оваа иницијатива е дел од напорите на ИДУЕП да ја истакне потребата од јавна аргументирана дебата за важни општествени теми во која главниот збор ќе го имаат младите како сегашни и идни креатори на политики, а е прва од серијата настани што ќе се организираат заедно со собранискиот Клуб за младински прашања и политики.
За дополнителни информации, Ве молиме контактирајте не на телефонскиот број: 072/222-041 (контакт лице: Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП).