Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска имаше видеообраќање на годишната GDi Solutions Day конференција.
„Среќен сум дека GDi Solutions Day 2022 е веќе традиционален настан каде што се претставуваат и дискутираат технолошки платформи, решенија и начини на унапредување на деловните процеси.
Дигитализацијата е иднината на светот, токму затоа, пред една година го промовиравме Национален геопортал на просторни податоци, истиот има за цел зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и достапноста до геопросторните податоци до сите граѓани и стопанството. Со воспоставување на овој нов геопортал со само еден клик им овозможуваме на граѓаните, бизнисите, како и на државните институции да пристапат до мноштво геопросторни податоци, со што значително се олеснува и забрзува секој процес.
Со еден клик на НИПП геопорталот може да се дојде до бараната информација, може да се видат катастарските парцели, хидрографската мрежа, патната мрежа, начинот на искористување на земјиштето, зградите, географските имиња, висинскиот модел на теренот, ортофото картата, како и други податоци”, изјави Битиќи.
Тој додаде дека земајќи ја предвид важноста на просторните податоци во секојдневно работење на државните институции, во ера на дигитално или смарт општество, мотивацијата и вредноста на инвестициите во овој домен честопати можеби и не се јасно потенцирани. Честопати, пазарната вредност на податоците не може да се препознае сè до моментот на имплементација и користење на податоците. Но, верувам, дека сите присутни денеска јасно разбираат дека таа е голема!
Токму затоа сте денеска сите, на оваа конференција, јавен и приватен сектор да го продлабочувате знаењето за нивната вредност, како и начините на нивно поефикасно собирање, вкрстување и презентирање, за да може да се искористи нивниот максимален потенцијал, изјави Битиќи.