Пиењето чај потенцијално може да доведе до помала смртност, покажува едно истражување.
Според научниците, во споредба со оние кои не пијат чај, оние кои консумираат една до две шолји секој ден имаат меѓу 9 и 13 проценти помала смртност. Нивното истражување покажува дека резултатите остануваат исти без разлика дали личноста пие кафе, додава млеко или шеќер во својот чај, без оглед на температурата и генетската способност на метаболизмот да го вари кофеинот.
Истражувачите од Британскиот национален институт за здравје користеле податоци за половина милион мажи и жени на возраст меѓу 40 и 69 години, од кои 85 отсто пијат чај секојдневно. Дури 89 отсто од нив пијат црн чај, најпопуларен во Велика Британија.
Фернандо Родригез Арталехо, професор по превентивна медицина и експерт за јавно здравје на Универзитетот во Мадрид, го опиша истражувањето како „значаен напредок во оваа област“.
Тој нагласи дека истражувањата покажуваат умерено намалување на смртноста кај оние кои консумираат чај, особено ако боледуваат од кардиоваскуларни заболувања. Тој предупреди дека не може со стопроцентна сигурност да се каже дека чајот е единствената причина за намалена смртност бидејќи не може да се исклучи дека се одговорни други здравствени фактори поврзани со консумирањето чај.
Друго прашање што останува неодговорено е дали луѓето кои не пијат чај треба да почнат да го прават тоа за да го подобрат своето здравје, како што бара новото истражување, вели Арталехо.