23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СПОРТИЗБОР

Младите шахисти на ШК Алкалоид блескаа на ЕП во Хрватска, второ место за Табаковски

Младите надежи на ШК Алкалоид, Дино Табаковски и Стојан Велкоски имаа успешен настап на сениорското „Европско првенство во шах за аматери“, кое од 14 до 21 август се играше во Загреб, Хрватска. Организатори беа Шаховскиот сојуз на Хрватска и Европската шаховска унија, а на турнирот играа над 170 играчи од 22 земји, поделени во три категории.

Дино Табаковски го освои второто место во категоријата на играчи со рејтинг до 1700 поени, остварувајќи две победи против директните конкуренти за медал во последните две кола. Со вкупно 7 бода од можни 9, тој се најде веднаш зад сензационалниот победник Иван Марфат од Хрватска, играч без рејтинг во класичен шах, кој единствен собра 8 бода. Табаковски влезе на турнирот како осми играч по рејтинг, но во оваа најнеизвесна категорија другите фаворити минаа лошо, па така само тројца од првите десет пред стартот успеаја и на крајот да бидат во „топ 10“.

Стојан Велкоски имаше речиси перфектен турнир се до последното коло меѓу играчите со рејтинг до 2000 поени, кога му требаше само реми за второ место. Со несреќен пораз, тој се најде на делба на третото место со уште двајца играчи кои имаа по 6,5 бодови. По аплицирање на „тај брејк“ критериумите, медалот му припадна на играч кој загуби од Велкоски во директен дуел, но имаше подобар „бухолц“. Во оваа категорија прв беше Турчинот Беркај Челик со 8 бода.

Во категоријата за играчи до 2300 поени немаше учесник од Македонија. Првите три места им припаднаа на играчи од Хрватска, при што првото место го освои младинецот Ловро Новосел, инаку трет фаворит според стартниот рејтинг.

– Ова беше прво европско првенство за мене и пресреќен сум со освоеното второ место. Сакам да се заблагодарам на сите тренери и спортски работници од шаховскиот клуб и компанијата „Алкалоид“, бидејќи тие се стожер на македонскиот шах и ова е и нивен успех. Во подготовките за овој настап играв на неколку турнири и со уште дузина шахисти кои ми излегоа во пресрет за спаринг мечеви во текот на летото, поради што ја имав потребната самодоверба. Резултатите покажаа дека ова не е лесен турнир и ги охрабрувам сите почесто да играат на турнири кои се во категории според рејтингот на играчите, отколку со класична поделба на младите играчи според годината на раѓање, бидејќи таму тие што порано почнале да го изучуваат шахот секогаш се чекор понапред од останатите и не е толку изедначено,- изјави Дино Табаковски.

– Кога би имале повеќе вакви турнири, би имале и уште подобри резултати. Лично сметам дека ми недостигаше малку повеќе искуство и се надевам дека оваа пракса со посета на силни меѓународни првенства ќе продолжи и во иднина. Верувам дека со поголема поддршка на спортистите од овие индивидуални спортови, Македонија би имала повеќе успеси и би уживала многу поголема почит на меѓународната сцена,- рече Стојан Велкоски.

На Европското првенство за аматери право на настап имаат сите шахисти без титули (ФИДЕ мајстор, Интернационален мајстор или Велемајстор). Минатата 2021 година за прв пат се организираше аматерско првенство во Македонија, а турнирот беше именуван според првиот претседател на шаховскиот сојуз, Блаже Конески.