23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: ВМРО ДПМНЕ води политика која штити интереси на трети држави

Премиерот Ковачевски смета идејата на ВМРО ДПМНЕ за референдум се користи само за нивна внатрешно политичка употреба. Одговарајќи на прашањето на пратеникот Бојан Стојановски, зошто СДСМ се плаши да организира референдум, тој посочи дека партијата која предлага народно изјаснување, има сериозен проблем со референдумско прашање, но и со стратешката и идеолошка позиција.

„Вие не знаете какво референдумско прашање сакате. Вие сакате референдумско прашање, дали сте против зачленување во ЕУ со чист македонски јазик и заштитен македонски идентитет. По првата меѓувладина конференција во Брисел, сите протести и сите лаги ви паднаа во вода. Поради тоа што го прававте, на ова место, на вашиот координатор Никола Мицевски, треба да седи Димитар Апасиев. Политиката што ја водите, на штитење на интереси на трети држави е најпогубното нешто што може да им го прави некој на граѓаните на Македонија. Вие имате проблем што сте против сите стратешки одлуки кои ги носи оваа држава. Тоа треба да го расчистите на идеолошко ниво во партијата. Вие бевте против членството во НАТО. Ако некоја партија беше против релаксирањето на меѓуетничките односи, тоа беше вашата партија. Ако некој е против членството во ЕУ, тоа е вашата партија. Тоа се факти, кои се потврдуваат со извештаите од гласањето во парламентот. Такво бегање е невидено. За ништо немате гласано. Па, барем гласајте против. Не бегајте. Оваа држава ќе оди на патот на европските интеграции, што и да правите, нема да ја скршенете ниту лево, а уште помалку ќе ја скршнете десно, кон исток. Затоа, прво седнете внатре во партијата и да одлучите дали сакате оваа држава да оди кон полноправно членство во ЕУ или не сакате“, изјави Ковачевски од собраниската говорница.