Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања во вечерашното издание на „Трилинг“ изјави дека имаме јасни обврски од целиот пакет, јасни обврски од Протоколот којшто беше потпишан во Софија, и дека со тоа за Северна Македонија патот е отворен само треба како држава да ги спроведуваме нашите обврски, додавајќи дека со одржавањето на првата Меѓувладина конференција и првата сесија на скринингот на земјата ѝ се отвора еден пат за движење, на чекорење напред.
Околу унилатералната изјава со Софија, вицепремиерот Маричиќ истакна дека и двете држави дале унилатерални изјави, кои немаат никаква важност за целокупното користење на македонскиот јазик во Европската Унија ниту пак за ставот на другите држави членки.
-Тоа значи само дека Софија изразува свој став како што има изразено и во Обединетите Нации кога ни беше впишан македонскиот јазик. Ние го изразивме нашиот став и тоа понатаму прашање не очекуваме да се споменува, очекуваме во наредните денови да го потпишеме договорот за ФРОНТЕКС со македонски јазик, каде што и Бугарија ќе го потпише како една од државите членки и сметаме дека за нас ова прашање е затворено, рече Маричиќ, потенцирајќи дека не очекува ова прашање понатаму тоа да се отвора бидејќи имаме јасни обврски од целиот пакет, имаме јасни обврски од Протоколот којшто беше потпишан во Софија.