Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Да обезбедиме политичка волја за дигиталната трансформација на правосуството

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на Европскиот самит за дигитализација на судството, којшто се одржува во Охрид на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството“.

„Дигиталната трансформација на нашите општества веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност. Дигитализацијата не само што ја олесни, забрза и направи широко достапна комуникацијата, туку, многу позначајно, суштински го промени начинот на кој работиме, размислуваме и ги градиме нашите вредносни системи“, истакна Пендаровски во своето обраќање.

Клучната промена, како што нагласи, ја донесе големата здравствена криза од 2020-та. „Сите релевантни податоци од последните две години потврдуваат дека пандемијата не беше голем предизвик само за нашите здравствени системи, туку и предизвик за државната управа и за правосудството во целина.

„Многу поголем проблем беше затворањето на правосудните органи, особено кога стана јасно дека истрагите и рочиштата не може да се одложуваат на долги периоди, а не беше јасно колку ќе трае кризата. Во таква ситуација се постави прашањето како може да се искористи дигиталната технологија за правосудните органи да продолжат да ја извршуваат својата функција во период на пролонгирана криза со неизвесен крај. Вие најдобро знаете пред каков сложен предизвик се најдовте кога дигиталната технологија требаше за краток временски период, да ги замени судските постапки во живо и да ја овозможи правдата за сите засегнати граѓани, во ситуација, да бидеме искрени, на нецелосно разработени прописи“, рече Пендаровски.

Оцени дека темите на панелите и најавените учесници ветуваат корисни дискусии и заклучоци што подоцна треба да бидат трансформирани во соодветни јавни политики и законодавни промени.

„Првата и основна задача е да обезбедиме политичка волја за дигиталната трансформација на правосуството. Понатаму, ќе дискутираме за придобивките и можните недостатоци од дигитализацијата, со цел, поголема ефикасност на судството, ќе разговараме и за гаранциите за еднаков пристап до правдата, како и за интероперабилноста меѓу правосудните органи и другите државни институции“, додаде Пендаровски.

„Се надевам дека политичката волја за дигитализација на правосуството ќе резултира со реален и мерлив напредок во оваа област во која што со години, од различни причини, не бележиме позначителен прогрес. Во таа смисла, од мене може да очекувате безрезервна поддршка“, потенцира шефот на државата.