17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тупанчески: Со дигитално судство ќе се овозможи побрза правда и ќе се намали корупцијата

Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на Меѓународната конференција за дигитализација на судството која се одржа во Охрид на тема ,,Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата на судството”.

Конференцијата се одржа под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски а домаќин е Министерството за правда.

Тупанчески во своето обраќање порача дека во време во кое човекот со напредните технологии успеа да стигне до простори во вселената на светлосни години оддалеченост и за тоа добива информации скоро во реално време, не треба да имаме сомнеж дека државата треба да направи се овие технологии да ги стави во функција и на пристапот до правда на граѓаните.

,,Задоцнетата правда граѓанинот често ја доживува како најголема неправда, а дигитализацијата во правосудството ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата на граѓаните во правосудството. Периодот во кој живееме, а особено изминатите две години на пандемија, изолација и редуцирани услуги за граѓаните во сите сфери, уште еднаш ни потврдија дека дигиталниот напредок треба максимално да се стави во функција на подобрување на животот на граѓаните’’, рече Тупанчески.

Дигитализираното судство, потенцираше тој е карактеристика на секоја модерна и напредна држава. Министерот за правда се осврна и на активностите кои се преземаат а се во насока на реализација на Планот за дигитализација на правосудството.

Со дигиталното судство ќе се овозможи побрза правда и ќе се намали корупцијата. Ќе се намалат трошоците во судските постапки, странките ќе заштедат на време, ќе има помал број на одложени судења, е нагласено во информацијата од министерството за правда.