„Без разлика на исходот од јунскиот Самит нашата определба останува јасна и цврста за членство во ЕУ, ако ги погледнеме и емпириските податоци за нашата држава тогаш многу јасно се гледа каде треба да бидеме интегрирани бидејќи 80% од нашата надворешно трговска размена е со земји членки на ЕУ, 80% од странските инвестиции во нашата држава се од земји членки на ЕУ“, потенцираше премиерот Димитар Ковачевски во интервју за регионалната ТВ мрежа Ал Џезеира.
„Ние донесовме тешки и одговорни одлуки. Сега ЕУ треба да го одржи своето ветување и на следниот самит треба да ја исправи грешката што беше досега направена. Што се однесува до нашата држава без разлика на исходот од Самитот нашата определба останува јасна и цврста за членство во ЕУ“, рече Ковачевски за Ал Џезеира.
Со усогласеноста со законодавството на ЕУ, како и економски суштинската поврзаност со земјите членки на ЕУ, истакна премиерот Ковачевски во интервју за Ал Џезеира, од моментот кога ќе започнат преговорите, исто како што беше и во НАТО процесот, Северна Македонија ќе биде држава која ќе претставува позитивен пример како се интегрира една држава во ЕУ.
Тој дополни дека остануваат политичките чекори за отпочнување на преговори и дека единственото можно решение кое може да биде одржливо и кое може да претставува основа за понатамошно унапредување на добрососедските односи, е решение кое што се базира на европски вредности и кое истовремено се грижи за достоинството како на сите граѓани на Северна Македонија, така и на граѓаните на Бугарија.
Во однос на очекувањата од јунскиот Самит на ЕУ, Ковачевски потенцира дека за него било познато дека нема да биде лесно на патот кон ЕУ, и нагласи дека тој постојано инсистирал на тоа дека не се врзува за датуми затоа на тој начин непотребно се подгреваат очекувањата кои кога нема да бидат исполнети следуваат разочарувањата.
„Ние имаме многу јасна цел да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Доколку има вето и овој пат тоа ќе биде надополнување на ветото на претходната бугарска Влада и во тој случај заложник на проширувањето на ЕУ, покрај нашата држава ќе биде и соседната Албанија. Тоа треба да им е јасно на сите земји членки на ЕУ и затоа Брисел треба што поскоро го отвори процесот на преговори за Северна Македонија и за Албанија со одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ за двете земји“, посочи премиерот Ковачевски во интервју за Ал Џезеира.
Ковачевски дополни дека Северна Македонија ги спроведе сите активности и ги исполни сите услови за отпочнување на меѓувладината конференција што беше потврдено со 4 последователни позитивни извештаи од Европската Комисија.
„Нашето законодавство е хармонизирано со законодавството со ЕУ во обем поголем од 45%. Ако ги погледнеме бенчмарк анализите со земји кои 10-тина години преговараат со ЕУ, тогаш многу јасно се гледа дека Северна Македонија е понапредна во одредени поглавја од земји кои преговараат, а ние се уште ги немаме отворено преговорите. Ние имаме целосна усогласена надворешна политика со ЕУ и од таа перспектива одлуката останува единствено на земјите членки на ЕУ и на Владата на Бугарија“, нагласи премиерот Ковачевски.
За предлогот за формирање на некој вид европска политичка заедница, премиерот Ковачевски истакна дека за таа иницијатива нема конкретен предлог и дека таа иницијатива повеќе се однесува на Украина, Молдавија и Грузија, и дека за неа се размислува како за модел кој би бил адекватен за овие земји, а не за земјите од Западен Балкан за кои постои веќе оформен процес на пристапување со многу јасна цел и патека по која треба да се одвиваат преговорите за членство и кои веќе имаат одреден напредок во тој процес.