Цели два дена престојувам во Охрид, и искрен да бидам (а може ли поинаку?), нестрпливо го очекував „Отворениот Балкан“, па на крајот и си го добив; иако сум политички „дрчен“ (или љубопитен), се чувствував по малку возбудено за она кое во Охрид ќе го слушнам. А обично кога не сум поканет да зборувам, поканет сум да слушам. И се држам до таквиот образец. Ако веќе сум поканет да слушам, јас слушам. Тоа, пак, кое го слушнав, ми се допадна. Или со други зборови: „Добро е, убаво е“, велеше Ивица Пртењача.
Не ми паѓа на памет да ги цитирам и прежвакувам изјавите на иницијаторите на „Отворен Балкан“, лидерите го кажаа своето, на мојот сегашен онлајн медиум, „Фронтлајн.мк“, имате колку-ви-душа-сака информации, слики и изјави за денешната конференција (помодно наречена „самит“ на Отворен Балкан), а оние кои сакаат квалитетни содржини, платформата на „Фронтлајн.мк“ им е „на изволте“.
Што беше заедничко за четворицата лидери: Ковачевски, Абазовиќ, Рама и Вучиќ, односно, што е она кое на сите нас ни е заедничко во таквиот „Отворен Балкан“? Да се разбереме, ние на овој простор – Отворен Балкан – сме цел еден свет, и така ќе биде додека постои планетата земја. „Отворениот Балкан“ е мојот свет, тоа е мојата географија, па ако сакате – „Отворениот Балкан“ е мојата култура. И ова што сега ви го зборувам е многу поважно од нашите псевдоидентитети. Од друга страна, сите ние сме страшнооо мали и безначајни поединечно.
Знаат америте – знае и оној чичко Ескобар што ни се јави на видео-бим во Охрид – ние имаме насилнички менталитет како што имаме потреба да ја помочаме нашата територија, добро де, да ја маркираме. Како ја маркираме територијата? Така што често ги менуваме имињата на улиците, да речеме. Лудиот колективизам на овие простори отсекогаш бил јак и „на цена“, само ги менува идеолошките обрасци. И секогаш постои тој елемент на антизапад, антиевропа, антилиберално, клаустрофобично, затворено, паланечко, како што имаме и воодушевување кон тираните и демагозите. Се проповеда неслобода во интерес на „повисоките цели“.
Тоа е нашиот менталитет во некоја начелна смисла. Така изгледа нашата феноменологија. И тука, сигурен сум, сите ќе го прифатат таквото својство на „нашиот човек“. Од друга страна, јас навистина не знам кој е оној што би имал проблем со „Отворен Балкан“? Сите сме сложни дека на овој простор има премногу ирационална омраза која доведува(ше) до најразлични форми на кршење на човековите права (без право на жртвата), и во тоа смисла вие не можете толку лесно да ја отфрлите идејата на „Отворен Балкан“.
Ова кое денес во Охрид го видов: состанок на четворица лидери, искрена желба за заедништво, мир и соработка, навистина делува охрабрувачки.
Добрата работа од вчерашниот самит на „Отворениот Балкан“ е што сите земји се вклучени на рамноправна основа и дека минатото нема да биде посилно од сегашноста и иднината. На конкретен пример тоа значи дека Србија и БиХ ќе мора да го признат Косово и да воспостават добрососедски односи со секоја друга држава oд „регионот“. Паралелно, треба да тече потполн и јасен процес на соочување со минатото, а воените злосторници од минатото не смеат да имаат никаква поддрша од властите.
Другиот проблем на земјите од „регионот“ или „Отворениот Балкан“ е, владеење на право, ефикасна примена на законите, еднаквост пред законот и сè останато што е потребно само како би се задоволиле меѓународните страндарди во заштита на човековите права. Без овие работи, немаше да постои ниту „големиот Шенген“ во Европската унија, а немаше да постои ниту сè друго што Европа го претставува. А забраната за дискриминација, да речеме, не значи исто во Шведска и Шпанија, и ако нема гаранција дека овој стандард ќе биде примент во Берлин и Рим, тогаш слободата на движење на луѓе во регионот има малку смисла. Не e поентата некој од Скопје да добие работа во Тирана или Приштина, туку тој мора да добие гаранција дека ќе биде третиран без никаква дискриминација. И тоа не значи дека секоја земја треба да се затвори во своите граници, туку владеењето на право, еднаквоста и целиот корпус на човекови права мора да бидат паралелно унапредени.
„Отворениот Балкан“ во својата идејна смисла има за цел да се откажеме од вербалните војни од типот: „Ние да им покажеме на нив“, како и да се откажеме од популизмот кој има исклучително партикуларна корист. Исто така, во регионот мора да се престане со дискурсите на доминација на Србија и Србите, вклучително и негирање на сите идентитети и заедници кои се не-срби.
Случајот меѓу Македонија и Албанија е добро познат, а разните теории на заговори кои ни стигнуваат на фејк-порталите уште од времето на Макроновото француско „не“, медиумите објавија премалку детали кои се темелат на факти. Франција не беше единствена земја која се противеше на отварање на преговорите со Македонија и Албанија. Покрај останатите, туку беше и Холандија која уште многу поодамна беше воздржана, секогаш со јасни адреси околу владеењето на право.
На крајот, на сите им е јасно дека позади „Отворен Балкан“ стои САД и Американската администрација, ама, работата за владеењето на правото, јакнењето на институциите, недискриминација во пазарот од 12 милиони луѓе, тоа најпрво е наша домашна работа. Значи, на нас е какви држави ќе направиме во таа „утописка“ зона наречена „Отворен Балкан“. Или што би рекол Зоран Џинџиќ: „да ја напишеме прво нашата домашна работа, а потоа да видиме дали учителката навистина не мрази“.
автор: Ненад Јовановиќ,аналитичар за Фронтлајн.мк