Најмладиот државен универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје ќе продолжи да расте и да станува препознатлива високообразовна установа не само во земјава, туку и пошироко во регионот, за што ја има потребната поддршка од Министерството за образование и наука, особено во делот на обезбедување кадровски капацитети и средства за наука и истражувања.
Ова е заклучокот од денешната средба на министерот за образование и наука Јетон Шаќири со ректорот на УМТ, проф. д-р Изет Зеќири и со повеќе други членови на ректорската управа и претставници на наставниот и научен кадар од овој универзитет.
Шаќири изрази задоволство од ангажманот на раководството и вработените во високообразовната установа, затоа што за релативно краток период од основањето, односно за период од 5 години, овозможиле добра основа за понатамошен развој на универзитетот на кој во моментов студираат околу 3000 студенти. Тие, како што рече министерот, ќе дадат значаен придонес за севкупниот напредок на државата.
Претставниците на универзитетот потенцираа дека во време на бројни предизвици, многу е важно поддршката од МОН кон високообразовните установи да продолжи, не само заради нивно надминување, туку и постигнување на позитивни резултати кои ќе бидат над оптимумот и ќе значат напредок на образовните установи на скалилото на квалитет.
Како што рекоа, приоритет на УМТ ќе биде јакнење на студиските програми и нивна ориентација кон нови иновативни и истражувачки области, како и размена на студенти и академски кадар.