Бугарскиот премиер Кирил Петков придружуван од владини претставници нема да дојде во земјава на 22 мај. Како што информираше шефицата на кабинетот на Петков, Лена Бориславова, посетата е одложена поради тоа што не е постигнат напредок во преговорите меѓу двете земји.
„Она што бугарската влада и лично премиерот би сакале да го видат е некој доказ дека Северна Македонија има сериозен однос кон говорот на омраза и дискриминацијата на бугарското етничко население“, рече таа во разговор за БНТ.бг додавајќи дека во меѓувреме министерствата за надворешни работи на двете земји активно ги продолжуваат разговорите.
Шефицата на кабинетот на бугарскиот премиер, негираше дека има силен надворешен притисок врз Бугарија во случајот со Северна Македонија. Според неа, во Бугарија се прави обид за внатрешно-политичка дестабилизација на таа тема.
Бориславова беше категорична дека кабинетот води обединета политика кон Северна Македонија. Изјавите на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за разликите меѓу МНР и надворешнополитичкиот тим на премиерот, Бориславова ги оцени како „јазична грешка“.
„Надворешната политика на Бугарија ја води МНР – односно Теодора Генчовска. Таа или нејзините заменици секогаш го придружуваат премиерот и Генчовска лично потврди дека таа и премиерот имаат иста надворешна политика. Останатото го препишувам на јазични грешки. Бугарија поддржува единствена надворешната политика кон Република Северна Македонија“, рече таа.
Петков пред два дена во Софија пред пратениците ги отфрли тврдењата дека на 22 мај во Македонија двете влади ќе стават потпис на конкретен документ. Петков тогаш кажа дека дури и доаѓањето на бугарската делегација не е финализирано.