24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Европа треба да покаже лидерство ако го гледа Западниот Балкан како дел од ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вечерва во своето гостување на Тема на денот на Сител изјави дека има потенцијал и волја кај европските партнери за поттик и охрабрување во деблокирањето на процесот на проширување, затоа и реално е да очекуваме позитивни резултати во преговорите со Бугарија.

– Време е за лидерство од страна на Европа, ако го гледа Западен Балкан како дел од ЕУ. Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите, но дали тоа ќе се случи, зависи од позицијата на Бугарија, но и каков амбиент ќе се создаде во ЕУ. Во контекст на војната во Украина и сите кризи којшто ни се случија, мислам дека е вистински момент во текот на Француското претседателство да се активира политиката на проширување, рече Маричиќ.

За предлогот на претседателот на Франција, Макрон, вицепремиерот Маричиќ истакна дека ние одамна ги имаме исполнето критериумите за почеток на пристапните преговори и дека државите од Западен Балкан имаат јасна перспектива за членство во ЕУ.

– Идејата на претседателот Макрон е повеќе една порака на Европската Унија кон државите коишто сèуште не се кандидати или сè уште не се влезени во кругот на ЕУ. Јас мислам дека таа порака е пред сè кон Украина, Грузија и Молдавија затоа што тие држави сèуште немаат рамка на кандидатски статус или на членство, потенцираше Маричиќ.

Маричиќ за иницијативата „Отворен Балкан“ истакна дека носи придобивки за граѓаните, без да се прави голема политичка рамка околу процесот, дополнувајќи дека важно е граѓаните да може лесно да ги поминуваат границите, без да имаат застои, работните дозволи да важат секаде, да може да се користи лекарска помош во сите држави.

– Политичката идеја за ’Отворен Балкан‘ е да се спроведат практични работи кои овој регион ќе го отворат за поголеми инвестиции од земјите-членки на ЕУ и САД. Да го олеснат животот на граѓаните преку имплементација на четирите слободи на ЕУ“ рече вицепремиерот Бојан Маричиќ во вестите на Сител.