Во овие неколку изминати години ние сите заедно успеавме да ги втемелиме јасните контури на Министерството за внатрешни работи како институција којашто согласно стекнатите капацитети претставува вистински гарант и заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност, како и на сигурноста и на безбедноста на општеството во целина, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната свеченост во Делчево, по повод одбележувањето на Денот на македонската полиција, 7-ми мај.
„Ако денес по нешто се разликуваме од нашите претходници тогаш, бездруго, тоа ќе е големиот број на крајно сериозни и одговорни задачи на кои изнаоѓаме вистински решенија за нашето општество, нашиот систем, нашата држава, сите наши граѓани.„ рече Спасовски.
Честопати на овој ден, Денот на македонската полиција, рече Спасовски, велиме, да се биде полицаец, припадник на Министерството за внатрешни работи – е голема чест и огромна одговорност, јас искрено сум верувал и верувам дека е тоа токму така!
„Но, дозволете да отидам и еден чекор понатаму и да кажам: има времиња во кои просто се очекува од секој припадник на полицијата таа чест и одговорност да ја покажат и докажат повеќе од било кога. Ние денес живееме токму во такво време, време кое што од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин“, рече министерот Оливер Спасовски во денешното обраќање по повод Денот на македонската полиција.