Обраќањето на Зоран Заев од Конгресот на СИРИЗА ви го пренесуваме интегрално:
Голема чест и привилегија е да учествувам и да ги споделам моите размислувања на вашиот трет Конгрес на СИРИЗА – Прогресивна Алијанса.
Јас ја разбирам Сириза како политичка партија која промовира повеќедимензионална политика на независност и пријателска соработка, мирен дијалог заснован на меѓународното право и решавање на проблемите за доброто на луѓето и земјите во регионот.
Денеска сум овде, на покана на претседателот на СИРИЗА, мојот драг пријател Алексис Ципрас, со кого споделуваме многу.
Нашето пријателство е крунисано со “Ewald von Kleist” наградата, чија цел е да оддаде чест на водечките личности во безбедносната политика кои дале исклучителен придонес за меѓународниот мир и менаџирање на конфликти.
Ја споделуваме и „Хесијанската награда за мир“, која се доделува на поединци кои имаат извонредна улога за унапредување на меѓусебното разбирање меѓу народите и мирот.
А, ни беше доделена и „Меѓународната награда за мир на Вестфалија“ која им оддава почит на личности или претставници на држави кои се залагале за европската интеграција и мирот во Европа.
Но, пред да ги добиеме овие признанија, јас и Алексис, бевме решени да направиме огромен заеднички чекор кој ќе работи за иднината на нашите земји, нашите граѓани, целиот регион и Европа. На крајот, бевме решени да ги жртвуваме нашите политички кариери во име на иднината на пријателството, мирот и стабилноста.
Неодамнешниот пресврт на настаните во Украина предизвикан од руската агресија покрена силни ризици, загрижености и стравови. Единственото решение е мирот. Итен дијалог наместо насилство. Затоа, целосно ги поддржувам независноста и територијалниот интегритет на Украина и изразувам сочувство со украинското раководство и со семејствата на жртвите. Потребен е итен мир со итно дипломатско решение кое ќе ги почитува принципите на меѓународното право, насочено да ги брани заедничките вредности, човековите права и заштитата на основните слободи.
Ние, демократскиот свет, треба да продолжиме да ја зајакнуваме меѓународната соработка и координација за да развиеме нови пристапи за промоција и заштита на демократиите ширум светот.
Со Алексис работевме за мир и успеавме да го решиме конфликтот чии темели беа длабоко во историјата. Овој успех има влијание многу подалеку од регионот.
Нашиот мировен договор испрати силен сигнал до светот. Не може да постои само принцип на посилниот. Во денешниот свет сè уште постои патот на почитта и компромисот, патот на меѓусебното разбирање, патот на мирот и стабилноста.
Нашите политички визии ги насочивме кон една заедничка цел. Воспоставивме политички однос, кој се издигна кон соработка и кулминираше со пријателство. И двајцата го ставивме ова пријателство во темелите на новата долготрајна врска меѓу нашите земји.
Тоа е најскапоцената придобивка. Можете ли да замислите колку можеме да изградиме на овие темели во иднина? Не двоумете се, не ограничувајте ги вашите соништа и визии – да, нашите граѓани, нашите општества и нашите земји можат да изградат регион на просперитет токму на овие темели.
Затоа Алексис и јас избравме да направиме се што можеме за да најдеме решение без одложување. Дозволете да ве прашам, кој е доблесен? Оној кој едноставно го пролонгира проблемот или тој што прифаќа да го најде решението? Дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно!
Последно, но не и најмалку важно, преку исполнувањето на нашите заложби, наследството од нашето пријателство ќе се одржува и понатаму ќе се развива, бидејќи отворено разговаравме за сите прашања дури и кога се чинеше дека нема решение.
Кои се предизвиците доколку не се и шанса за решенија! Доколку не ги гледате како можности за креативни решенија, како чекори кон остварување на нашата визија. Тоа е начинот на кој работат пријателите. Фокусирани на решенија. Градење мостови, а не ѕидови.
Драги пријатели,
Треба да продолжиме да соработуваме уште повеќе од претходно. Идеите на левицата мора да се промовираат, гласно да се зборуваат и да се артикулираат.
И ние треба да преземеме активности според нашите идеи. Имаме добри шанси. Ја предизвикувам тезата дека Европа е или ќе биде предводена од екстремната десница. Има многу земји како Грција и Северна Македонија кои го покажаа спротивното.
Да останеме заедно.
Да направиме повеќе за демократијата и за солидарноста. Ајде да свртиме друга страница. Доаѓаат нови почетоци. “Неа арх” за нашите граѓани. Нови почетоци за нашите граѓани, нови почетоци за нашите држави, за регионот, за Европа.
Efharisto poly! Благодарам многу. Thank you very much.