19.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Инклузијата на Ромите останува во фокусот на новите ИПА-програми

Видепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес имаше обраќање по повод свеченото одбележување на Светскиот ден на Ромите, во кое, честитајќи им го празникот, истакна дека обврска на сите е да ги почитуваме различностите и да ги негуваме заедништвото и мултикултурализмот.

„Политиките за инклузија на Ромите се меѓу врвните приоритети на Владата рефлектирани и во четиригодишната програма за работа, каде што, меѓу другото, се обврзуваме дека за време на нашиот мандат ќе се фокусираме на подобрување на социјалната сигурност и развојот на Ромите“, истакна вицепремиерот Маричиќ посочувајќи дека заложбата на Владата за Ромите е содржана и во неодамна донесената стратегија за Ромите 2022-2030, како и во декларацијата од Познањ, усвоена во јули 2019 година во рамките на Берлинскиот процес.

Маричиќ особено ја нагласи важноста на инклузијата на Ромите и за процесот на европска интеграција на земјата и постигнатите резултати во овој аспект со искористување на европските фондови за проекти за оваа цел. Тој издвои неколку реализирани и планирани проекти за Ромите во неколку општини, меѓу кои Прилеп, Битола, Виница, Шуто Оризари, Велес, Кичево, Штип и Кочани, а за кои се обезбедени европски пари.

„Во рамките на ИПА III, Ромите се поддржани преку ИПА 2022 акцискиот документ за подобрено здравство, социјална заштита и родова еднаквост, кој предвидува активности за подобрена ефективност на системот за превенција и заштита на родово и семејно насилство преку пристап до специјализирани и други суштински социјални услуги“, истакна вицепремиерот додавајќи дека инклузијата на Ромите ќе биде во фокусот и на новите програми во рамките на ИПА III за 2023 година.

Маричиќ рече дека и покрај сите вложени напори и постигнати резултати, сè уште има предизвици, дека треба уште заеднички да се работи за целосна инклузија на Ромите во општеството и дека ќе продолжи унапредувањето на правната и институционалната рамка за суштинска инклузија на Ромите во сите општествени сфери.

Спонзорирано: