Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамки на посетата на Стразбур оствари средба и со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, на која разговараа за унапредување на соработката во спроведувањето на реформските процеси, како и за состојбите и перспективите во евроинтегративниот процес на Северна Македонија и регионот.
„Во изминатите пет години преземавме обврска да спроведеме европски реформи и не сме застанале со нивната реализација, со цел да им обезбедиме на нашите граѓани европски стандарди и да ја приближиме земјата кон ЕУ и во овој аспект соработката со Советот на Европа, преку одличната комуникација со Канцеларијата во Скопје, има посебен удел во исполнувањето на тие реформи, преку спроведувањето заеднички проекти, комплементарни на реформската агенда“, рече Маричиќ.
Маричиќ и Буриќ потврдија дека остануваат Северна Македонија и Советот на Европа партнери во зачувувањето на европските вредности и дека делат исти приоритети на полето на човековите права, демократијата и владеењето на правото.
Генералната секретарка на Советот на Европа изрази задоволство од средбата со вицепремиерот и очекување дека Владата, како и досега, ќе продолжи со конструктивна соработка со бројни експертски тела на Советот на Европа со цел да придонесе за постигнување на основните цели. Таа смета дека се направени многу крупни чекори и постигнати се конкретни и одржливи резултати преку реализацијата на европската агенда.
Двајцата се согласија дека Северна Македонија ги исполнува сите услови за почеток на преговорите, што се потврдува и во Извештајот за напредокот од страна на Европската комисија, но и во меѓународни извештаи како Транспаренси интернешнал, Фридом хаус, ГРЕКО и други, како и дека е од интерес и на земјата и на Унијата да се отстранат сите пречки за почнување на пристапните преговори.
Соговорниците разменија мислења за актуелната ситуација во Украина, а Пејчиновиќ Буриќ го информираше вицепремиерот Маричиќ за активностите што ги презема Советот на Европа во оваа пригода. Во таа насока Маричиќ истакна дека сега повеќе од кога било е значајно да се заврши обединувањето на континентот, да се зајакне самата Унија од внатре и да стане поотпорна од можни сегашни и идни закани.