Претседателот Стево Пендаровски се обрати на отворањето на Школата за политики за 2022 година при Претседателскиот центар за политичко образование, во чии рамки викендов се одржува првиот модул.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање посочи дека целите на Школата за политики, како централна активност на Претседателскиот центар за политичко образование се изградба на солидарно и инклузивно општество, поттикнување на политичкиот и општествениот дијалог преку надминување на поделбите и промоција на мултикултурноста како клучна алка на поврзување меѓу граѓаните.
„Уверен сум дека учесниците во втората генерација на Школата ќе имаат исклучителна прилика не само да ги надградат своите знаења и способности, туку и да се поврзат и да изградат контакти кои ќе влијаат врз нивниот натамошен личен и професионален развој“, порача Претседателот.
Претседателот Пендаровски истакна дека во однос на темите што ќе бидат обработени, повторно, фокусот ќе биде на стратешките, но и на актуелните прашања за нашата држава и општество, како што се: демократијата и човековите права, функционирањето на правната држава и борбата против корупцијата, социоекономскиот развој, НАТО и безбедносните предизвици во светло на актуелните случувања, интеграцијата во Европската Унија, но и младинските политики, правата на маргинализираните заедници и политики во делот на регионалната соработка.
Школата за политики се одвива во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста. Цели на Школата се да ги поврзе учесниците со различно професионално искуство кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството, да придонесе кон градење на единство преку учење, како и да ја промовира културата на дијалог.
На настанот се обратија и Томас Хјуз, независен гувернер во Управниот одбор на Фондацијата за демократија на Вестминстер, директор на „Надзорниот одбор“ на „Фејсбук / Инстаграм“ и други претставници од Фондацијата за демократија на Вестминстер, како и проф. Александар Љ. Спасов, од Правниот факултет, советник на претседателот, кој воедно е и претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование.
Во рамки на Школата за политики за 2022 година ќе се одржат пет едукативни семинари, кои ќе се реализираат во периодот од март до ноември годинава со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство.
Школата за политики е организирана во соработка со канцелариите на фондациите и здруженијата во земјава „Фридрих Еберт”, Меѓународен републикански институт (ИРИ), „Конрад Аденауер”, Национален демократски институт за меѓународни работи (НДИ), Фондација за демократија на Вестминстер, Фондација „МК2025” и Регионална организација за младинска соработка (РИКО).