Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Адела Моника Аксинте, амбасадорка на Романија во нашата држава.
На средбата се изразени честитки за мандатот на премиерот Ковачевски и заеднички е изразено очекување за натамошен развој на пријателските односи помеѓу двете држави.
Притоа, потенциран е континуитетот на поддршката од Романија за европските перспективи на Република Северна Македонија, како нешто што нашата држава го заслужува, со реализацијата на реформите и политиките на добрососедство. Почетокот на преговорите е оценет како важен и во насока на стабилноста на Западен Балкан и на самата Европска Унија.
Исто така, поздравени се брзите реакции на Република Северна Македонија во врска со ситуацијата во Украина и јасните позиции на нашата држава, кои што се на линија на политиките на НАТО и на ЕУ. Ова, како што е констатирано, е уште една потврда дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија.
Премиерот Ковачевски потврди дека Република Северна Македонија е поставена стопроцентно на линија на политиките на ЕУ и на НАТО во осудата на руската инвазија во Украина, дека државата донесе одлука за доделување на потребната помош на украинскиот народ и ја објави, како и дека нашата земја е подготвена и за прием на бегалци од Украина, доколку тоа се покаже потребно.
На состанокот, заеднички се потенцирани како значајни членството на двете држави во НАТО, потребата од заедништво и солидарност и ставот дека отворените прашања се решаваат низ дијалог, со цел зачувувањето на мирот и безбедноста.
Во однос на европските аспирации на нашата држава, премиерот Ковачевски се заблагодари за искрената и пријателска поддршка од Романија.
Тој соопшти дека односите со Република Бугарија се поставени на принципиелно ниво на меѓусебно почитување, а во однос на ситуацијата во државата рече дека монетарниот и фискалниот систем се стабилни, што покажува на стабилност на економијата и дека државата се справува со економските предизвици од светската криза.
На средбата е разговарано и за можноста за унапредување на соработката меѓу Северна Македонија и Романија во повеќе области, како што се економијата и борбата против криминалот и корупцијата, како и за можностите за споделување корисни искуства од Романија во процесот на пристапување кон ЕУ.