На ден 17.03.2022 година, четврток, во Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, г-дин Ото Граф, во функција на заменик-амбасадор и раководител на економскиот оддел, го прими на официјална средба претставникот на управата во Хајделберг Институтот за бизнис и менаџмент во Скопје, проф. д-р Синиша Наумоски. Имено, меѓу другото, на состанокот беше претставен новиот проект за германски додипломски и специјалистички студии по примерот на државните дуални универзитети во Германија, под брендот „ХАЈДЕЛБЕРГ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ“.
На средбата, како што беше подвлечено, ова претставува, за прв пат, во земјите од Западен Балкан да се основа една германска високообразовна установа за додипломски и специјалистички последипломски студии во областите на: податоци и компјутерски науки, банкарство, осигурување и контролинг.
„Покрај сите потешкотии во изминативе години, денес, беше речено на состанокот дека е вистинско време да се направи еден мост, преку институцијата на Хајделберг во Скопје, која постои повеќе од 4 години, за внес на државниот дуален универзитет од Манхајм.“ – изјави проф. д-р Наумоски.
За таа цел, г-дин Граф истакна дека Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, активно ќе ја поддржува секоја иницијатива за подобрување на македонскиот образовен систем, особено кога ќе се врши трансфер на знаење и практики од најдобрите универзитети / школи во Хајделберг, Манхајм и Франкфурт.
Од страна на проф. д-р Наумоски, Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје беше информирана за формирањето на работна група, преку која, на крајот на минатата година се започна со процесот на имплементација на германските дуални студии, тука во Скопје. На таквите средби, како што додаде д-р Наумоски, биле активно вклучени сите претставници на управата од Хајделебрг Институтот во Скопје, а под менторство на д-р Бриџит Спилман, како и високи претставници на Државниот дуален универзитет од Манхајм, меѓу кој, и ректорот на универзитетот, проф. д-р Наглер.
На крајот од март, како што беше подвлечено на состанокот, ќе биде договорена трилатерална средба, помеѓу Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, Делегација на германското стопанство Северна Македонија – АХК и претставници на Хајделберг Институтот во Скопје, со цел – заедничка и позасилена соработка при имплементација на проектите во високото образование. Исто така, на почетокот на мај, 2022 година, работната група од Манхајм, заедно со претставниците на управата од Хајделберг и Франкфурт ќе бидат во официјална посета на Скопје и ќе извршат комплетна евалуација на процесите, а во насока на здобивање со германската акредитација.