Струшкото Обвинителство поднесе обвинение против четири лица за узурпација на недвижност и загадување на животната средина и природата.
Првообвинетиот на 3 март зазел туѓа недвижност, која со член 16 од Законот за сопственоста и другите стварни права е прогласена за добро во општа употреба, а со членовите 1 и 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро е прогласена за природна реткост како споменик на природата. Тој ги ангажирал другите тројца обвинети да извршат насипување со земја и рамнење на насипаната земја на површина од 829 квадратни метри, на парцела која е дел од Охридското Езеро и се наоѓа во непосредна близина на угостителски објект и на парцела во сопственост на првообвинетиот.
Тројцата работници биле несвесни за можноста за настапување на штетната последица, но според своите лични својства биле должни и требало да бидат свесни за таа можност бидејќи работеле како работници на работни машини во непосредна близина на водите на езерото.
На овој начин сите четворица обвинети можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, опасност за животот и здравјето на луѓето или уништување на растителниот и животинскиот свет од поголеми размери, велат од Обвинителството.
Првообвинетиот се товари дека сторил кривично дело узурпација на недвижност од член 225 став 1 и кривично дело загадување на животната средина и природата од член 218 став 1 и двете во врска со член 44 од Кривичниот законик. Другите тројца се обвинети за кривично дело загадување на животната средина и природата од член 218 став 1 во врска со став 4 од Кривичниот законик.