Акциите на Сбербанк паднаа за речиси 50 отсто, јавуваат руските медиуми.
Станува збор за, како што се наведува, една од банките што Америка одлучи да ја санкционира денеска.
Гасниот гигант Гаспром се тргуваше за 35 отсто помалку. Роснефт, Новатек, Лукоил, Јандекс, Ростелеком и други компании забележаа двоцифрен процент на опаѓање на вредноста на акциите.
Претходно тамошните медиуми објавија дека акциите на руската авиокомпанија Аерофлот паднале за 30%, веднаш откако британскиот премиер Борис Џонсон објави дека на компанијата ќе и биде забрането слетување во Велика Британија.
Хартиите од вредност на руските компании пропаднаа на лондонската берза, а приходите на споменатата Сбербанк паднаа за цели 72 отсто.
Акциите на ВТБ, втората по големина банка во Русија, паднаа на берзата за повеќе од 40 отсто, откако беше објавено дека Велика Британија ќе ги замрзне средствата на сите големи руски банки, вклучително и гореспоменатата ВТБ.
Џонсон го опиша последниот потег на Велика Британија како „најголемиот и најостриот“ пакет економски санкции што Русија некогаш го видела.
Да потсетиме, земјата беше меѓу првите кои воведоа санкции кон Русија, а првата транша ја најави британскиот премиер во вторникот, кога најави дека ќе бидат санкционирани 5 руски банки (Рoсија, ИС банка, Општа банка, Promsvyazbank и Black Sea Bank), како и 3 истакнати личности, имено: Генадиј Тимченко, Борис Ротенберг и Игор Ротенберг.