24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Министрите Битиќи и Нуредини се сретнаа со министерката Ал Мхери во Дубаи

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој ја предводи официјалната Владина делегација за време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, во рамките на оваа посета во Дубаи се сретна со Министерката за животна средина и климатски промени на ОАЕ, Н.Е. Мариам Бинт Мохамед Саед Хареб Ал Мхери, со која разговараа за остварувањето на 17-те дефинирани цели за одржлив развој на Обединетите нации, и нивното значење за борбата против климатските промени и за економскиот раст и развој.

Вицепремиерот информираше дека Северна Македонија е посветена на зачувавување на животната средина и создавање на одржлив еко систем и остварување на целите од Европскиот зелен договор, а во таа насока во подготовка е долгорочна Развојна стратегија во која треба да бидат инкорпорирани сите важни стратешки секторски документи и која ќе обезбеди одржлив, еколошки и забрзан раст на нашата земја.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Нуредини во разговорите со министерката Ал Мхери истакнаа дека Северна Македонија веќе презема сериозни чекори кон намалувањето на загадувањето, пришто посочија дека во моментов во различни фази на реализација се голем број на проекти во енергетиката, особено проекти за инвестиции во производството од обновливи извори, како што се фотоволтаични системи и ветерни електрани, преку кои на среден и долг рок земјата ќе добие енергетска независност, еколошко и одржливо производство на електрична енергија.

Министерката за животна средина и климатски промени на Обединетите Арапски Емирати, Ал Мхери понуди да се разменат искуствата во екологијата и да се поддржат проектите за почиста животна средина и борбата со климатски промени и притоа ги истакна позитивните искуства на ОАЕ во одржливото земјоделство, како една од основните гранки кое може да се примени и во нашата земја.