Веднаш по протестите во 2016 што уследија како реакција на колективното помилување политичари осомничени за корупција, неовластено снимање и изборни измами, се огласи и Москва предупредувајќи на „украинско сценарио” за државен удар однадвор, потсетува медиумскиот аналитичар Жарко Трајаноски, во неговата анализа Руската пропаганда за „украинското сценарио“ во Македонија (2016-2017).
Трајаноски укажува дека властите во Македонија биле експлицитно на иста линија со Москва, заговарајќи дека „големи странски служби стојат зад ‘украинско’ сценарио во Македонија”: „Без да изнесуваат докази, провладините пропагандисти тврдеа дека „денот на „молотови коктели“ и на багери што итаат кон институциите воопшто не е далеку“ и оти „застрашувачките сцени од Украина, една по една, се пресликуваат на насилните протести во Скопје“.
Без никаква основа, провладините пропагандисти се обидоа да претстават дека демонстрантите во Скопје биле „увезени“ и дека користеле исти оружја како во Киев, споредувајќи фотографија со фрлање на „молотов коктел“ и со фрлање на боја со „чатал“.“
Видео од ТВ „анализата“ на тогаш-провладината „Сител“ од 27 мај 2016 г.
„Руските пропагандни канали ги зајакнуваа домашните антизападни теоретичари на заговори, против „обоената револуција“ и „украинското сценарио“ спроведувано од Џорџ Сорос, кој „сака да ја уништи Македонија, нејзиното име, јазик и идентитет““, се посочува во анализата.
Во првиот дел од анализата за руската пропаганда за време на македонската политичка криза (2015-2017), Трајаноски изнесува бројни примери како изразите „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски Мајдан“ биле составен дел на главните пропагандни пораки од една комуникациска стратегија, која се реализирала на повеќе пропагандни канали и во 2015 година.
Пишува: Жарко Трајаноски, медиумски аналитичар
извор: Вистиномер