23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ВИДЕО: Силна експлозија вечерва и во Луганск, евакуираните од Доњецк пристигнаа во Русија

Силна експлозија одекна во Луганск, јавија медиумите. Во руската област Ростов доцна вечерва пристигнаа првите автобуси со луѓе евакуирани од регионот на Доњецк.

Силна експлозија одекна на територијата на самопрогласената Народна Република Луганск.

Можно е да се работи за експлозија на гасоводот, соопшти локалниот информативен центар.

Претходно денеска недалеку од седиштето на самопрогласената Народна Република Доњецк се случи голема експлозија, а според руските медиуми станува збор за детонација на бомба во автомобил.

На сликите од местото на експлозијата се гледа целосно уништен автомобил на паркингот на околу 100 метри од седиштето на тој регион, а се забележуваат големи штети на околните возила.

Уништеното возило му припаѓало на шефот на Народната милиција на Народна Република Доњецк, Денис Синенков, кој за Интефакс изјавил дека не е повреден во експлозијата.

Утрово со сирени во Доњецк беше означена евакуација на населението во Русија, поради страв од можен вооружен напад на Киев, а како што е најавено, се очекува тој регион да го напуштат 700 илјади луѓе.

Во руската област Ростов доцна вечерва пристигнаа првите автобуси со луѓе евакуирани од регионот под контрола на сепаратистите.

Гувернерот на Ростовската област Василиј Голубев му се обрати на претседателот на Русија Владимир Путин со барање да се обезбеди итна помош во врска со неочекувано големиот прилив на бегалци од Донбас.

„Путин телефонски разговарал со вршителот на должноста министер за вонредни ситуации Александар Чупријан и му наредил итно да отпатува во Ростовската област со цел на лице место да се создадат услови за сместување, обезбедување топли оброци и се што е потребно, вклучително и медицинска нега за бегалците“.

Рускиот лидер и нареди на Владата на Русија итно да обезбеди исплата од 10.000 рубљи (околу 115 евра) за секој бегалец што ќе пристигне од Донбас во Ростовската област.

На евакуација на жителите денеска повика и самопрогласената Луганска народна република.