Програмата за производство на приклучни елементи за виљушкари е еден од бројните успешни проекти низ постоењето на металопреработувачкиот гигант „Брако“ од Велес.
Благодарение на професионалниот пристап, уште на самите почетоци, пред речиси 15 години, прецизно се дефинирани и разработени целните производи од оваа програма, за кои „Брако“ во рекордно време започнува со сериско производство и со зголемување на асортиманот и количините на производство.
Станува збор за годишно производство на повеќе од 1.000 различни видови на приклучни елементи за виљушкари со вредност од околу 4 милиони евра или речиси 1.700 тона челични производи, наменети за западноевропскиот пазар.
Таквиот развој на оваа програма, како и на останатото производство, е постојаната тенденција, производите да се наоѓаат во рамките на т.н. „Железен триаголник“, односно: висок квалитет, пристапни цени и брзи рокови на испорака. Од друга страна пак, количинската и асортиманската флексибилност на самиот производствен процес овозможува брза реакција на барањата на пазарот и клиентите, што е дел од упатството за градење, зачувување и одржување на довербата кон своите клиенти.
Единствен начин да се постигне тоа е компанијата да располага и континуирано да инвестира во најсовремена и високопродуктивна производна опрема, флексибилна автоматизација на производствениот процес, технолошко знаење, професионален и мотивиран кадар.
Како одговор на барањата на пазарот, клучни се и амбициите и инженерскиот потенцијал за развојот на нови и поконкурентни производи.
„Чест ми е да истакнам дека ’Брако’ направи развој на дизајн и решение за повеќе од 100 различни видови на производи, токму во програмата за производство на приклучни елементи за виљушкари, кои денес се изработуваат во сериско производство и истите може да се видат како се користат насекаде низ Европа. За еден инженер нема поголемо задоволство од тоа да види дека она што произлегло од неговите идеи, од неговиот цртеж и од производствените капацитети во фабриката во која работи, се користи на наменските пазари и функционира беспрекорно“, вели одговорниот проект менаџер, Александар Наумов.
„Брако“ располага со најсовремена опрема во сите сегменти на производствениот процес, иста онаква со каква што располагаат металопреработувачките компании во развиените земји.
Денес во „Брако“ може да се видат голем број на CNC управувани машини за ласерско и плазмено сечење на лимови и цевки, роботи за заварување, металорезачки машини, автоматски линии за заварување и тоа од познати светски производители.