22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Филипче: Продолжувам да работам во интерес на пациентите и здравствените работници

Ми беше чест и задоволство во изминатите 4 години да ви служам. Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Поддршката која ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизивици со глобалната ковид криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции на кои сум навистина горд. Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани. Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нема ниеден пациент без достапен лек затоа што секој човек е важен, а воспоставивме и регистар за ретки болести. Нашата земја конечно нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите, и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време. Дијабетичарите имаат конечно достапен врвен инсулин, а за децата со дијабет обезбедивме средства за набавка на безболни апарати за мерење на гликемија. И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде живеат. Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, 9 компјутерски томографи и 7 магнетни резонанци. Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство. Особено сум горд на вложувањето во здравјето на нашите најмили- децата. Со нова апаратура по светски стандарди, но и посветеност и личен развој на колегите од Гинекологија, успеавме да ја намалиме новороденечката смртност за три пати. Малите борци кои се раѓаат порано сега имаат врвна нега и светски услови за раст и развој.

Почитувани граѓани,

Пандемијата донесе многу неизвесност и тага оставајќи трајни последици и промени во нашите животи. Но, овој период ќе го паметиме и по убави нешта. Во екот на пандемијата ја изведовме првата успешна трансплантација на срце, а потоа изведовме уште 5 со што е направен историски чекор во македонската кардиологија. За првпат направивме и трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител што е уште еден голем дострел на македонското здравство. Горд сум на сите посветени колеги кои почнаа да применуваат нови методи на работа и изведуваат најсовремени операции. Имаме нови методи за лекување на пациенти со мозочно крварење, нов третман на епилепсија и нови неинвазивни методи за лекување на Кардиохирургија.

Почитувани граѓани,

На крајот на мојот ангажман како министер за здравство, сакам јавно да им се заблагодарам на моите колеги здравствените работници. Нивната пожртвуваност и посветеност заслужуваат најголема почит, а јас и понатаму ќе продолжам да се борам за нивните права и достоинствен третман од страна на државата. Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите кои ја препознавте посветеноста и трудот со кој работев, но и на оние кои добронамерно ме критикуваа и советуваа. Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму. Ви благодарам.

Можеби ќе ве интересира

МЗ: Рано утрово двајца пациенти на дијализа добија бубрег од починат донор, направена и експлантација на коскени ткива

M T

Филипче: Во 2022 година 5% зголемување на платите на сите вработени во здравство

M T

Заев додели 8500 признанија на здравствените работници

M T

Филипче: Ургентниот центар во ГАК во Чаир опремен по сите европски стандарди

M T

Филипче: После 70 години целосно реновирани 1.300 квадратни метри на Клиниката за Ортопедија

M T

Уапсен е лекар кој на пациентите им нудел лечење со секс во Италија

M T